Ромската заедница во Македонија најмногу ја болат дискриминацијата, отсуството на соодветна инфраструктура во ромските маала, отсуството на инвестиции во образованието и во вработувањето, порача носителот на Изборна единица 3, Идриз Зејнелов на вчерашната средба со жителите на Штип.
Новата партија на Ромите – АВАЈА, до ДИК поднесе листи за кандидати за пратеници за изборите на 8 мај во изборните единици 3,4,5 и 6.
Претседател на АВАЈА е Акиф Кариман, додека за генерален секретар е избран Елвис Мемети.
Зејнелов ги повика жителите да не останат пасивни и да не им служат на другите, туку за успехот на заедницата.
„Сите масовно од Делчево, Берово, Виница, Кочани, Штип, Велес, Свети Николе, Пробиштип, секаде кадешто живеете ВИЕ кои ја слушате оваа порака и ги споделувате нашите ИДЕИ, на 8-мај да им се покаже народ и да го заокружиме бројот 10.
Да ја дадеме поддршката за АВАЈА. ПОБЕДА со која што ќе кажеме доста е затоа што ние Доаѓаме!“, рече Зејнелов.
Претседателот на партијата Акиф Кариман, пред штипјани, се осврна на секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Ние во 2024 немаме пристап до вода. Инвестициите од другите институции, пред се, од општината во образованието е нула. И доколку некој се пофали дека не што е направено или дадено, тогаш најголемиот дел од парите доаѓаат од Европската Унија и од граѓанските организации. Државата не прави ништо за нас“, рече Кариман.
Тој рече дека како Аваја не ветуваат дека ќе ги решат сите проблеми, туку дека се што ќе прават ќе биде во интерес на народот за да се подобри неговиот живот.





