НМ: Со дестабилизирање на РМ интегративците сакаат да се спасат од кривичен прогон, поради криминалот и активираните „Хашки случаи“!

„Интегративците се свесни дека плановите за дестабилизација на државата од есен веќе се осуетени. Во врска со тоа веќе имало извесни директни реакции имало и од меѓународниот чинител, кој побарал од првите луѓе на ДУИ да ја прифатат новата политичка реалност во земјата и да не предизвикуваат проблеми. Но, сепак,  интегративците коват планови како да ја остварат својата цел, така што нема да бидат директно посочени како виновници при некакви можни ситуации на судири, туку би се наметнале како чинител, кој управува со состојбите, за да ги смири.“ – се нагласува во анализата со наслов  „Да не се повтори ‘сценариото 2001“!, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Чудно раздвижување во регионот по најавите на ДУИ за протести од есен

Повторното отворање на Охридскиот рамковен договор, што го најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да се озакони принципот „победник со победник“ на изборите, е само обична алиби-алатка. Прво, според повеќе наши соговорници, намерата е да се поттикне членството колку е можно помасовно да излезе на протестите, што ги планираат интегративците. Но во исто време, протестите се и параван, зад кој сакаат да се затскријат сите оние, на кои им виси над глава повторно отворање на четирите „Хашки случаи“, што од Македонија го бара Советот на Европа, и кои преку дестабилизација на државата сакаат да се спасат од кривичен прогон.

Некој друг ќе ја заврши работата за ДУИ

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов воопшто не се сомнева дека ДУИ ќе работи на есенско дестабилизирање на државата. „Сигурен сум дека ќе има обиди за дестабилизација на безбедносната состојба во Македонија, особено поради тоа што најавите доаѓаат од повеќе меѓународни чинители. Целта на ДУИ е да изврши дестабилизација на државата, за да се врати на власт. Тоа е нивната стратегиска цел, бидејќи сфатија дека тешко можат да функционираат во опозиција. Но исто така се плашат од одговорност на нивни кадри, кои низ годините навлегоа длабоко во криминал и во корупција.“ – вели Трајанов.

Според него, ДУИ во моментов нема толкава моќ, за да направи голем судир сличен на воениот конфликт во 2001 година, но ќе се обиде преку помали инциденти да изврши дестабилизација. „Ќе го ангажираат криминалното подземје, односно ќе ги вклучат сите оние луѓе, што низ годините се занимавале со матни зделки, бизниси, тендери, па и со дрога, убиства, ликвидации. Само таква структура можат тие да ангажираат. Добро е што властите уште веднаш предупредија за можностите за дестабилизација. Најдобро се превенира кога сѐ е јавно кажано.“ – објаснува Трајанов.

Инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово беше „за да се напипаат некои односи во Македонија“

Дел од безбедносните експерти гледаат извесна поврзаност во најавите за есенски протести во регионите населени со мнозинско албанско население.

„Ако ги анализираме малку подобро процесите во регионот, ќе забележиме дека се повторуваат како во периодот пред војната во Македонија. Албанците во Прешевската Долина ги немаше дваесеттина години, а сега одеднаш да започнуваат нови протести, да бараат права и слично. Знаеме како завршувале нивните протести кога бараат права. Исто е и во Косово. Инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово беше намерно инсцениран, за да се напипаат некои односи Македонија. Секакви протести во Косово, или во јужна Србија, ќе бидат поддржани и од Албанците во Македонија и обратно, односно можно е прелевање луѓе од соседството. Ако дојдат во Скопје некои групи од Прешево, или од Приштина, и ако предизвикаат дестабилизирачки инциденти, тогаш сите прстот ќе го вперат кон нив, а од сето тоа ќе профитира ДУИ.“ – посочуваат безбедносните аналитичари.

Тие сметаат дека македонските безбедносни служби треба малку пошироко да ги гледаат работите бидејќи ДУИ функционира во поширок контекст. „ДУИ произлезе од поранешната ОНА, а таа имаше структури и во Косово, и во јужна Србија, но и во Албанија. Сега, кога овдешното партиско водство е под набљудување, не е исклучено тие да побараат од нивните соборци да го направат она, што тие не можат во овој момент, односно да ја дестабилизираат Македонија. Доволно е да научиме нешто од случувањата во ‘Диво Насеље’ пред неколку години. Сега ќе ја употребат истата шема: некој друг ќе ги направи проблемите и ќе пребега преку граница, а ДУИ ќе биде ‘миротворецот’, што е гарантот за стабилно владеење.“ – констатираат аналитичарите.