„Посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова беше заради поттикнување на културната дипломатија и подавање рака за соработка, но бугарската страна повторно ја истакна својата тврда позиција дека македонскиот пат кон ЕУ оди преку Софија. Уште пред пристигнувањето на Силјановска-Давкова во Софија Радев порача дека Македонија мора да ги исполни прифатените обврски ако сака да оди напред. Поранешни дипломати и аналитичари коментираат дека нема за што да разговараме со Бугарија кога сите наши обиди за подобрување на односите тие ги користат најдрско да нѐ омаловажат и да ни покажат дека се ‘господар над македонската судбина’!“ – пишува во анализата со наслов „Не се гради културна дипломатија со некој, што нема културни манири“
Одгласи по првата посета на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија
Поранешни дипломати и аналитичари коментираат дека Бугарија никогаш нема да излезе од матрицата на Тодор Живков, оти бугарските политики кон Македонија се исти како и пред повеќе од сто и повеќе години и дека од тоа нема да отстапат ниту милиметар.
„Ова што го направи бугарскиот претседател е крајно дрско и безобразно. Навистина треба да се запрашаме: кому ние му подаваме рака, кога тие и подадената рака ја отфрлаат? Нема што да разговараме со Бугарија кога сите наши обиди за подобрување на односите тие ги користат најдрско да нѐ омаловажат. Провокацијата со знамето не е воопшто случајна, туку класичен обид да се покаже кој е господарот над македонската судбина. Затоа и Радев пред посетата на нашата претседателка даде изјави во воена униформа. А кога се даваат изјави во воена униформа, тогаш се подразбира контекстот. Бугарија не сака добри односи, туку сака целосна асимилација и бришење на сѐ што е македонско тука. Во тоа никој не треба да има дилеми. Да ја оставиме Бугарија со нејзините уцени настрана, да почнеме да си ги гледаме работите дома, а ЕУ, ако воопшто има интерес за проширување, најпрво нека си ги преиспита сопствените членки и нивните демократски капацитети. Бугарија ниту е демократска ниту напредна земја, што сака добрососедство. Таа токму тоа јасно го демонстрираше!“ – категорични се соговорниците, што ги коментираа последните случувања за време на посетата на македонската претседателка на Софија.
Отфрлање на подадената рака
Фотографирањето на македонската претседателка со бугарскиот претседател без присуство на македонското државно знаме предизвика бурни реакции во Македонија. „Сенка на настанот фрли отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој не требаше да има фотографии во затворениот простор. Пред почетокот на средбата во четири очи Радев ја покани Силјановска-Давкова да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беа предвидени, ниту договорени. Сакаме да веруваме дека станува збор за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното. Ќе побараме објаснување од бугарската страна.“ – се наведува во соопштението од кабинетот на македонската претседателка.
Реагираа и македонските опозициски партии, кои сметаат дека Македонија како држава била омаловажена од страна на бугарските официјални власти, кои не го истакнале државното знаме.





