Ниту еден наставник нема да остане без работа со новата концепција за реформа во гимназиското образование. Целата нацрт-концепција е направена со цел ниту еден наставник да не остане без работа, напротив, тие ќе бидат повеќе ангажирани за нашите ученици на ПИСА тестирањата да одат барем две скалила погоре, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката Даниела Николова од СДСМ, која обвини дека целата концепција се прави без јавна дебата и дали ќе преземе одговорност за, како што кажа, „уништување на критичката мисла во образованието“.Јаневска рече дека не е точно дека нацрт-концепцијата не е ставена пред пошироката јавност.-Не е точно дека нема јавна дебата, бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со нивни претставници – таму беа декани, раководители на Психологија, на Социологија…, разговаравме, дискусијата беше конструктивна од моја гледна точка. Не е во прашање само стручното мислење, туку дека после таа дискусија тоа што се јавува во печатот има друга позадина. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каква треба да биде концепцијата, рече Јаневска.Истакна дека со целосна одгорност ќе ја брани таа концепција, но додека не се постигне консензус и натаму ќе се разговара, бидејќи, нагласи, гимназиското образование не е реформирано 24 години.-Јас пoвторно ќе одам на терен и ќе се сретнам со претставници на наставници и ученици, засега учениците не најдоа ниту една замерка. Дваесет и четири години не е променета концепцијата во средното образование, учениците учат по учебници стари 24 години. Вие барате ништо да не се менува, да продолжиме така и нашите ученици кога ќе одат на ПИСА тестирањата да ги имаат истите резултати. Досегашниот број часови на општествени предмети не ги направи нашите ученици погоре на скалата на ПИСА тестирањето, посочи Јаневска.





