Николоски: ЕСМ дала 2 милиони евра на Марковски за дислокација на делови од ТЕЦ Осломеj, што до денар соодветствува со проценетата вредност

Продолжувам со објавувањето на индиции за криминал во работењето на Електрани на Македонија. Овој пат ќе зборувам за состојбата во термоелектраната Осломеј кај Кичево чија што цел односно целта на раководството на Електрани на Македонија е да ја затвори оваа термоелектрана и на тој начин илјадници луѓе од Кичево и кичевско да изгубат сопствената работа, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.



-Во таа насока на 14 февруари 2024 година Електрани на Македонија склучува криминален договор од речиси 2 милиони евра, повторно со омилениот тендераш на власта, Борче Марковски, почесниот конзул на Белорусија во Македонија. Предмет на овој тендер е специјализирани браворско-заварувачки работи за дислокација на погонски станици од рудникот во Осломеј во рудникот во Битола. Значи и за уништување на термоелектрана пак го бираат Борче Марковски, така што специјалистот за тендери во четири очи и за ископ стана и специјалист за пренос на тракасти транспортери и погонски станици. Ова е специјализирана услуга која ја работат неколку специјализирани фирми во светот, но секако тоа не е проблем за омилениот тендераш на власта и почесниот конзул на Белорусија во Македонија, рече тој.