„Мислам и сигурен сум дека може да добиеме повеќе километри автопат од тоа што е потпишано во Договорот, односно повеќе километри за истата финансиска рамка. Како што знаете, претходната влада на изведувачот веќе му исплати 240 милиони евра за подготвителните работи, односно буквално за ништо, бидејќи не гледаме резултати.



Затоа од мене ќе биде недомаќински да го прекинам договорот, а средствата се веќе кај изведувачот“ изјави министерот за транспорт Александар Николоски.

Како што кажа, за Владата е најважно што ќе добие државата од Договорот за изградба на коридорите 8 и 10Д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Министерот објасни дека инвеститрот „може да тужи и да бара отштета, па во ветер ќе отидат можеби половина милијарда средства издвоени од џебот на македонските граѓани, а ние ќе останеме без ниту еден километар автопат.

Мојата заложба е да се бориме со „Бехтел и Енка“ и да „избоксираме“ што повеќе километри автопат“, рече Николоски.

Николоски потсети дека Договорот е класифициран како „државна тајна“, што  и според законот не е добро и дрека тој треба да биде достапен до јавноста.

„Најверојатно, идејата на партнерот од другата страна била да се потпише договор за да не се изнесуваат детали за конкуренцијата, но тој е обвиткан со магла.

Досега имавме една средба со изведувачот и бараме договорот треба да биде јавно презентиран, со цел јавноста да види што има во него. Но, за такво нешто е потребна согласност од двете страни.

Побитно е Македонија да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано, ама за истата финансиска рамка“, објасни Николоски.