Никола Попоски: Добредојде за Борисов, но договорот не е компромис туку алатка за блокади

Поранешниот миниситер за надворешни работи Никола Попоски  открива детали како се воделе преговорите со Бугарија за текстот на договорот кој ќе биде потпишан во понеделник.



Попоски посочува дека позициите на македонската страна во преговорите кои се воделе од 2008 година до формирањето на новата влада биле да се постигне рамноправност и реципроцитет на сите точки од договорот.

Новата влада според него ги занемарила овие принципи.

-На ниво на работни групи, текстот го доби денешниот костур, со пет или шест празни полиња. За секое такво поле имаше по неколку варијанти на македонски и бугарски предлози, кои се разликуваа. На крај, идејата беше за овие полиња да се постигне компромис или можеби да се изостават целосно. За илустрација, тоа би значело: ако едните сакаат да се спомнува заедничка историја со комисии, а другите бараат јазик без релативизирање со устав, да се прифатат двете забелешки. Спротивно, ако остане јазикот според устав, оти така било во изјавата од 1999 година, тогаш да нема ни заедничка историја со комисии, оти истите ги нема во истата таа изјава од 1999 година. Тоа би било во европски дух и буквално, компромис, вели Попоски кој остана дел ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Прес24.

Тој вели дека инсистирањето на Бугарија за историските комисии во договорот има за цел таа да си обезбеди простор за идни блокади на Македонија при процесот на членство во ЕУ.

– За историската комисија, веројатно намената е да се стави во погон паралелно со пристапните преговори за членство во ЕУ. Идејното решение е Историската комисија да прерасне во некое наше чистилиште на патот кон просветление. Колку побрзо ќе се просветлуваме, толку поблиску ќе е членството. Сум учел многу математика и малку историја во животот, што значи дека сум пристрасен. Но, според мене, ако оправувањето на историјата стане поважно од економската интеграција во Европа тогаш веројатно Моне и Шуман на оној свет би требало сериозно да се вознемирени околу патот што сме го одбрале, вели Попоски во интервјуто.

Екс шефот на дипломатијата смета дека и покрај се, Македонија мора да покаже дека е добар домаќин и посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов  мора да помине без какви било инциденти.

-Тоа не смее никако да се случи и институциите треба да ги преземат сите мерки. Се работи за посета на премиер на наш сосед и пријателска земја и не смее да го нарушиме нашиот беспрекорен имиџ на гостопримство, вели Никола Попоски.