„Ние, Македонците не сме ни Срби, ни Бугари, туку Македонци, Македонија е само за Македонците!“ – „Македонски глас“, 22.6.1913

„Ние, Македонците, не сме ни Срби, ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците.“ – ова се зборовите на Борис Сарафов, кои биле испишани како мото под насловот на корицата на првиот број на списанието „Македонски голос“ („Македонски глас“), кој е објавен на денешен ден, на 22 јуни 1913 година во Санкт Петербург, во Русија. „Македонски глас“ беше орган на приврзаниците на слободна, независна и обединета Македонија како држава на македонскиот на. Списанието излегуваше на руски јазик. Само песната „Крали Марко“ во бр. 9 од 1914 година е на македонски јазик, на мијачки дијалект. Издавач на списанието беше Димитрија Чуповски. Списанието престана да излегува на 3 декември 1914 година, заклучно со бројот единаесет. Тоа е најзначајниот печатен архив на македонската национална мисла во периодот на Балканските војни и почетокот на Првата светска војна за одбрана на целоста на Македонија и слободата и обединувањето на македонскиот народ.



„Македонски глас“ (руски изворно: „Македонскій голосъ“), бил „орган на приврзаниците на независна Македонија“, кој излегувал во Санкт Петербург од 9 јуни 1913 до 20 ноември 1914 година. Списанието го уредувал Редакциски совет на Македонската колонија во руската престолнина. Издавач бил Д. Д. Павле Чуповски, а одговорен уредник И. П. Кулезнев (во последните два броја Д. Д. Архангелски).

Најавено било дека ќе излегува „од еднаш до петпати во месецот“, но се појавуваат само 11 броја на вкупно 220 страници. Во списанието, покрај Македонци, соработуваат и голем број Руси и Балканци. Се публикуваат и бројни официјални акти: меморандуми, апели и соопштенија на Македонската колонија во Петроград, потпишани од Д. Чуповски, д-р Г. Константинович, Н. Димов, Г. А. Георгов, И. Г. Георгов, П. Божидарски, Гр. Н. Угриновски, Д. Пешковски, Г. А. Стојанов, К. Георгиев и др.

По барање на Српската легација во Санкт Петербург списанието е привремено запрено по бројот 8 (22 декември 1913). Со ново решение на Градоначалството (1 февруари 1914) се дозволува продолжувањето, но и по следниот бр. 9 (2 март 1914), по петмесечна пауза, се објавени само уште два броја. Бидејќи публикацијата во големи тиражи продира и на Балканот, под притисок од балканските монархии списанието е конечно запрено, иако редакцијата продолжува да постои.