Владата на вчерашната седница, ја усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за прогласување на 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) за неработни денови, поради распишување на избори за претседател и за пратеници во Собранието на Македонија.
Владата препорачува на работодавачите од приватниот сектор на територијата на државата, да ги спроведат овие заклучоци.
Во Информацијата од Министерството за труд и социјална работа е посочено дека имајќи го предвид Решението за распишување на избор за претседател на Република Северна Македонија („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), како Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), потребно е секој граѓанин да може непречено да го оствари своето право на глас, во избирачката единица во којашто е регистриран, стои во владиното соопштение.





