Специјалното јавно обвинителство ги демантира тврдењата дека инцидентот, кој се случи минатата среда во тетовското село Боговиње, има некаква врска со Специјалната обвинителка, Фатиме Фетаи. Од СЈО велат дека критичниот ден кога се одиграл настанот, обвинителката Фатиме Фетаи воопшто не била во Боговиње.



„Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека определен инцидент во село Боговиње, случен на 7. февруари оваа година, е поврзан со обвинителката Фатиме Фетаи и во кои се шпекулира дека во заднината на инцидентот бил обид за атентат врз неа. Информираме дека на тој ден обвинителката ниту била во Боговиње, ниту пак тој настан има каква било поврзаност со Фетаи“, велат од СЈО за Судство.мк.

Објавата на оваа вест дојде по информацијата која што се појави на билтенот на МВР, а според која, критичниот ден, околу 18,10 часот, во Боговиње, полициски службеници од Полициското одделение – „Камењане“ на возило “БМВ“ со скопски регистерски таблици му дале знак за запирање. Возилото, според МВР, застанало за момент, но кога полицискиот службеник се доближил до него, возачот го стартувал автомобилот и притоа се обидел да го удри полицискиот службеник, но удрил во полициското и во неколку други паркирани возила. При обид за бегство, едно од лицата, кое било сопатник во возилото, од пиштол, испукало во воздух два куршума во воздух. Како поради предупредување и полициските службеници испукале неколку куршуми во воздух, но непознатите се дале во бегство, заедно со уште две возила -“ауди“, со штипски и “шаран“, со непознати регистерски таблици. Десетина минути пред 21 часот, на влез во Скопје, полициски службеници од единицата „Алфи“, го запреле возилото “БМВ“ и притоа било констатирано дека зад воланот седи 17-годишник од Куманово. Малку подоцна, во населбата Ѓорче Петров, тим на полициските „Алфи“ го запреле и возилото “ауди“ кое што го управувал И.С. (29), од Куманово. Лицата биле приведени во ПС „Ѓорче Петров“, а возилата биле пренесени во кругот на полициската станица заради понатамошна постапка.