Немало криминал и корупција зад името на Пендаровски и затоа бара втор мандат

„Наместо договорот од Преспа нудат негово поништување, истите тие кои цело време велат никогаш Северна, ама од Северна Македонија 5 години без проблем примаат функционерски плати како градоначалници и пратеници и ни на памет не им паѓа да ги вратат мандатите на граѓаните. Не треба воопшто да прогнозираме какви политики ќе водат ако бидат на власт, затоа што паметиме што се случуваше во нивните 11 години – заробена држава, медиуми ликвидирани со гола репресија, политички противници во затвор, новинари во затвор за напишан збор и ниту еден нивен, тогаш активен функционер во притвор“, потенцираше Пендаровски на вториот ден од кампањата за претседателските избори.



Пендаровски вчеравечер во Штип на митинг им порача на неговите подрржувачи дека треба добро да размислат затоа што истите политичари и истата политичка партија, денес во опозиција, во 2001-та, ја нуделе воената опција во која требаше да гинат некои други деца, а не нивните.

„Како национален координатор за НАТО во 2018 ги водев преговорите за членство во Алијансата со што долгорочно сите ние го осигуравме опстанокот на државата. Ја поддржав Европската преговарачка рамка со која не само што ги започнавме преговорите по 17 години чекање, туку договоривме со Брисел македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на Европската Унија“, подвлече Пендаровски.

Говорејќи за досегашната работа на оваа владејачка структура Пендаровски рече дека не се направени големи грешки за стратешките прашања, што не е случај за некои политички или кадровски решенија.

„Нужно е да направиме целосен ветинг на сите судии и обвинители, но, и на нас, политичарите. Сите кои што намерно држат предмети во фиоки со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони, треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политичка функција“, истакна Пендаровски.