Неколку сценарија ако пропаднат разговорите за разликите за името

Грчкиот весник „Катимерини“ наведува неколку сценарија во случај да пропаднат забрзаните разговори со Македонија за проблемот што го има Грција со нејзиното име.



Прва последица од неуспехот на преговорите би била таа што земјата и понатаму би се викала „Бивша Југословенска Република Македонија, како што профатија и Обединети нации и самата Грција, но во билатералните односи со повеќе од 120 земји таа и понатаму ќе биде само Република Македонија“, напомнува весникот.

„Што добиваме ако не прифатиме компромис за сложено име“, ги прашува тој граѓаните и одговара: „Остануваме национално горди бидејќи не сме го ‘продале името’“.

А ако сојузниците, сепак, ја повикаат Македонија на самитот на НАТО во јули да поднесе барање за прием во членство, а „ние ставиме вето и Европејците и Амнериканците го соборат и најдат начин да нè заобиколат?“. Во тој случај Македонија „повторно би се обратила до Меѓународниот суд во Хаг, каде што Грција веќе е осудена во 2008 година поради претходното вето, но простени ѝ се санкциите“. Потоа, пишува весникот, група членки поднесуваат барање до ОН северниот сосед конечно и таму да се нарече така како што се вика, „а тоа за нас е шлаканица“.

Во случај на пропаѓање на преговорите, постојат и полоши можности, смета „Катимерини“.

„Владата на Заев паѓа, неговата земја се затвора во себе, етничките Албанци и Славомакедонци се активираат и се покренуваат центрифугалните сили, туркајќи ги Албанците кон Тирана, а Славомакедонците кон Бугарија. Доаѓа (макар и) до ‘кадифен’ развод на Албанците и на Славомакедонците, тие два народа се присоединуваат на соседните метрополитенски национални центри и со тоа влегуваат во НАТО и во ЕУ. Во тој случај, мапата на Балканот се менува на нашите северни граници, се создаваат Голема Албанија и Голема Бугарија, Србите и Турците се вмешуваат, а ние брзаме да му ‘дадеме помош’ на нашето малцинство од 700.000 (!) Грци во ПЈРМ – како што тврдеа соговорниците на собирот во Солун. Со тоа се активира верижен, домино-ефект, како ноќна мора“, пишува весникот.

„Што ќе правиме тогаш? Ќе ги проколнеме странците што нè уништиле, ќе трагаме по националните предавници и национално горди ќе скокаме во амбис. Дали тоа е кастарофолошко сценарио? Можеби, но само за оние што не сакаат да сфатат што се случува надвор од нашата куќа“, заклучува „Катимерини“.