Неизвесна средбата меѓу Мицкоски и Мицотакис

Во официјалната програма на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис не е предвидена средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.



Иако билатерална средба на двајцата премиери не е (официјално) предвидена, сепак Мицкоски и Мицотакис ќе присуствуваат на исти настани: на состанокот на НАТО и на вечерата во Белата куќа.

Грчкиот премиер за време на вчерашната дискусија со поранешниот амбасадор на САД во Грција Даниел Спекхард во организација на американската тинк-танк Council on Foreign Relations, говореше и за грчко-турските односи, кои ги карактеризираше како подобрени во последната една и пол година, како и за Македонија, повторувајќи ги позициите на официјална Атина во однос на Договорот од Преспа и порачувајќи дека „најфундаменталниот аспект е името Северна Македонија кое мора да се користи и во внатрешноста и надвор“.

Мицкоски и Мицотакис – на пристојна раздалеченост. 

Пред стартот,  Мицкоски, во изјава за медиумите порача дека Македонија за време на НАТО состанокот, ќе промовира мир, стабилност и владеење на меѓународното право. 

– Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите. Како македонска влада, сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани, рече премиерот Христијан Мицкоски.