„Независни Грци“ попуштија за „Македонија“ – НД бара име со географска одредница

„АНЕЛ ќе се приклучи кон одлуката на мнозинството. Ќе го почитуваме принципот на владеење на мнозинството, доколку мнозинството одлучи да оди против националниот интерес“, изјави Костас Кацикис, пратеник на националистичката партија „Независни Грци“ (АНЕЛ).



Панос Каменос, лидер на партијата која е помал коалиционен партнер во владата на Алексис Ципрас, досега жестоко се спротивставуваше на сложено име за северниот сосед кој би го вклучувал, според него, „грчкиот термин Македонија“.

Од опозициската „Неа демократија“(НД) побараа владата да изготви еден предлог за името на кој би се согласиле и тие, а тоа да биде сложено име со географска одредница и за секаква употреба, изјави портпаролката на НД, Мариа Спираки во интервју за „Real FM“.