Над 20 граѓански здруженија со апел да не се потпишува новиот Закон за урбанистичко планирање, тие го повторија своето барање до претседателката Силјановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на овој закон и да го врати законот на повторно разгледување во Собранието, со задолжителна јавна расправа.

Aктивистите реагираат дека отсуствува јавна и стручна расправа за ваквите измени. Алармираат дека во обид да се одблокира носењето на 600 урбанистички планови, ќе се настане урбанистички и сообраќаен хаос оти со старите правилници не се земаат предвид податоците од последниот попис.
Јавноста и граѓаните треба да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на заштитата на животната средина, за да не се создаде дополнителен хаос. Ние не бараме да бидеме постојано критизери на процесите, туку ко-креатори и тоа е главната поента на демократското општество, вели Чоловиќ-Лешоска.

Според власта законските измени ќе ги скратат процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи во општините, но граѓанските организации се сомневаат дека овие измени ќе доведат до дополнителен урбанистички хаос.
Измените ги поддржа Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), со образложение дека ќе се поедностават постапките за градба на капитални објекти во општините. Законските измени предложени од министерството за транспорт и врски пратениците ги изгласаа на 13-ти август по скратена постапка без јавна расправа.





