Не јадат, ама затоа се трујат со цигари – проблем кај семејствата со ниски примања

Македонија како земја со среден доход се соочува со една од највисоките стапки на пушење во Европа. Речиси половина од населението се пушачи покажува истражувањето спроведено од „Аналитика“. Се штеди на храна, на облека, на домување и комуникација, па дури и на здравје, само за да се задоволат пушачките навики. И да се обезбедат потребните дневни, месечни колични на цигари. Освен што предизвикува здравствени, пушењето повлекува и егзистенцијални проблеми. Особено кај семејствата со ниски примања, покажуваат наодите од истражувањето на тема колку пари се трошат за цигари, спроведено од невладината организација „Аналитика“.



Резултати од истражувањата за социјалните и економските ефекти од пушењето беа презентирани во рамките на настанот „Економски политики за подобро здравје и подобра иднина“.

  • Проблематични се семејствата кои спаѓаат во ранливата категорија, односно имаат ниски приходи. Ако се на работ на сиромаштијата, ќе ги доведе во секундарна сиромаштија. Трошењето пари на цигари го намалува трошењето на основните потреби како храна, образование и здравство“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.

Пред неколку недели, Институтот за јавно здравје отвори телефонска линија за советување за откажување од пушењето. Линијата е активна секој понеделник и среда од 11 до 13 часот на која граѓаните имаат можност анонимно да добијат помош. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска смета дека за кратко време се бележи успех од активираната линија, вели дека се јавуваат граѓани од различна возраст кои бараат помош.

  • Навистина се јавуваат луѓе од секоја возраст. Јавувањето е анонимно. Не завршува се со еден повик, постојат протоколи кои се следат. Јас ги охрабрувам луѓето да се јават, бидејќи веќе имаме резултати како откажани пушачи“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје.

Потребни се кампањи и едукации и за здравствените работници со цел и тие да можат да помогнат во поддршката на пушачите кои сакаат да се откажат.

Македонија е меѓу државите со најмногу пушачи во Европа. Според податоците од 2019 година, 48,4% од возрасната популација пуши, при што 81,4% од секојдневните пушачи почнале пред да наполнат 25 години, а 44,4% пушат повеќе од 20 цигари дневно, што е значително над европскиот просек. Високите стапки на пушење не само што го обесхрабруваат откажувањето од пушењето, туку и ја зголемуваат веројатноста младите да започнат со пушење, без оглед што голем број заболувања се јавуваат како последица од редовната употреба на тутун.