Не е предвидено да се одржи средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис, изјави денеска портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис одговарајќи на новинарско прашање дали е можна евентуална средба меѓу двајцата премиери на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, информира дописничката на МИА од Атина.
Ќе си подадат ли рака Мицкоски и Мицотакис на НАТО Самитот во Вашингтон, или само куртоазно ќе се разминат? И двете страни официјално тврдат дека билатерална средба не е предвидена, но не исклучуваат, тет-а тет разговор на маргините на Самитот.
Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис, пак, денеска изјави дека грчкиот премиер Мицотакис, не се откажува Преспанскиот Договор да биде тема на НАТО Самитот.

- Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене, вели Павлос Маринакис портпарол на влада на Грција.
Од македонска страна велат дека официјална Атина не побарала средба со премиерот Мицкоски, но дека тој и неговиот тим во Вашинготн се подготвени за дијалог.
- Подготвени сме да разговараме за сите прашања, вклучително и за исполнување на Преспанскиот Договор, за кој е веќе познато дека се почитува од македонските власти, но таков дијалог би бил добра прилика да се види кои работи ги исполнила и грчката страна во рамките на обврските кои се превземани со овој договор. Би било многу попродуктивно да се разговара за јакнење на економските односи меѓу двете земји и подобар живот за граѓаните отколку јакнење на политички позиции и насионалистички страсти, велат од македонската Влада.
Нема желба кај сојузниците во Воената Алијанса да слушаат и да дискутираат за билатералните прашања меѓу Скопје и Атина, тврдат експертите. Професорот Јоанис Армаколас од грчката фондација ЕЛИАМЕП, вели дека е можен само краток бриф-состанок меѓу двајцата премиери, за кој вели, дека нема да има суштински бенефит, затоа што довербата е на најниско можно ниво.

Мицкоски, пак, пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи, откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предупреди на „многу непријатна позиција“ на НАТО-самитот ако Мицкоски како премиер инсистира на истата реторика за името.
- „Се подготвувам јас. Јас сум човек којшто се подготвува и сака предизвици и би сакал и да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема. Доколку постојат во Европа, а не верувам дека постојат, европски политичари коишто се претставуваат како современи, модерни, политичари на 21 век, а, сепак, имаат во себе талибански мотиви, па сакаат да го загрозат човековото право коешто е заштитено со многу меѓународни конвенции, тогаш јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и да дебатирам и тука не треба да имаме никаква дилема“, вели Мицкоски.





