„Некој што бил Народен правобранител и член на Советот на јавни обвинители и е фатен во криминал, треба да лежи во затвор најмалку 10 години. Без право на помилување. Само така се искоренува корупцијата во правосудната фела.“ – реагираше остро преку својот фејсбук-профил универзитетската професорка и правен експерт д-р Мирјана Најчевска во врска со „казната“, што треба да ја добие Иџет Мемети. Како член на Советот на јавни обвинители и поранешен народен правобранител, Иџет Мемети признал дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, во случајот каде обвинет е и врховниот судија Наќе Георгиев.
Мемети се спогодил со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со предлог да му се одреди условна осуда и забрана за вршење на дејност во наредните три години. Во ова обвинителство шеф е Ислам Абази, па синоќа во својата жестока реакција вицепремиерот за добри политики и добро владдеење Арбен Фетаи порача преку својот фејсбук-профил: „Обвинителот на ДУИ Ислам Абази, побарал условна казна од 1 година за другиот обвинител на ДУИ Иџет Мемети, кој беше фатен додека прима поткуп од 10 илјади евра, за да влијае на намалување на казната на политичар обвинет за трговија со дрога. Потребни се коренити реформи, кога ќе нема повеќе место за обвинители од ваков тип, корумпирани и под наредби на политиката и наркокартелите.“
Професорката Мирјана Најчевска денес на својот фејсбук-профил со иста острина изреагира и во врска со информацијата дека по Иџет Мемети и врховниот судија Наќе Георгиев се спогодува со обвинителството околу обвинението за поткуп: „Не треба да се сменат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Треба да се отпуштат од работа сите судии и сите јавни обвинители. Тие се легло на криминалот, заштитници и поддржувачи на криминалот. Корупцијата и криминалот во Македонија цутат, затоа што нема судии и јавни обвинители, кои имаат интелектуален и морален капацитет да се спротистават. Засрамете се сите вие, кои склучувате ваква спогодба и сите вие, кои молчите за ова.“





