Професорката Мирјана Најчевска реагира на вчерашниот неовластена и ненајавен „упад“ на техничкиот премиер Талат Џафери во просториите на СВР Тетово.



„Ма б…..а нема појма што треба да прави и оди наоколу и манифестира моќ на најпримитивен начин.
Ова не смее да се дозволи ни во најнесериозна држава“, пишува Најчевска на Фејсбук.

Независниот полициски синдикат најави жестока реакција на прес-конференција пред зградата на Владата закажана за денеска откако техничкиот премиер Талат Џафери неовластено упадна и неовластено снимаше вработени кои ги извршуваа своите работни задачи во СВР Тетово, и со висок тон им се обраќал на вработените, oднесувајќи се како строг началник на полицијата, пренесува МКД.МК.

„Бараме од министерот и од дополнителниот заменик министер, веднаш да застанат во одбрана на работниците, да реагираат и да ги спречат притисоците врз нив, како би ги покажале на дело декларативните заложби на кои укажаа уште првиот ден од техничката Влада.

Техничкиот премиер Џафери со надмен и висок тон им се обраќаше на вработените кои беа собрани повеќемина во една просторија“, велат од синдикатот во најавата за прес-конференцијата.

Како што пренесе МИА,премиерот Џафери изјави институциите да не се изненадат што без најавување ќе ги проверуваал вршителите на работите и обврските што ги имаат.

„Општ впечаток е дека недостига организација во извршувањето на задачите на дневна основа и релевантната институција во однос на организацијата ќе треба да се потруди примањето на документите да се одвива во една форма и обезбедувањето на готови документи во друга форма и луѓето чекаат да бидат информирани. Да бидат ​​организирани посебно. Да не бидат сите на едно место. Тие мора да бидат одвоени – тие што треба да ги поднесат барањата да бидат на едно место, а оние што треба да ги примаат готовите документи да бидат на друго место. Не смее да биде вака, да има гужви. Мора да се комуницира со граѓаните“, рече Џафери.