Најчевска: Претставниците на Албанците не сакаат да бидат дел од малцинство според меѓународните акти, туку да создадат Велика Албанија!

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска објави на својот фејсбук-профил: Јас гледам неколку причини зошто претставниците на Албанците (партиски, интелектуални, невладини активисти) не сакаат да бидат препознаени како дел од малцинство во согласност со меѓународните акти и согласно со овие акти да бидат заштитени нивните културни, јазични и идентитетски права:
1. Да создадат почва за старата идеја за Голема Албанија (што и да подразбираат под тоа): На 28 ноември 2023 година тетовскиот градоначалник и лидер на Беса Билал Касами имаше порачано: „Да ги обединиме Косово, Македонија и Прешевската Долина, да го направиме Косово втора албанска држава. А после Косово да ја направиме и Македонија албанска држава, зошто да не?!“



2. Сакаат да остварат јазична изолација на Албанците во Македонија и да манипулираат на тој начин со нив полесно.

3. Да ги издвојат како посебна група и да оневозможат да настапуваат заедно со сите други, со кои споделуваат конкретни проблеми и интереси.

Јас не гледам организирана структура, ниту пак забележлив број припадници на албанската етничка заедница да застанат цврсто зад граѓанскиот модел, зад индивидуалните права, да се спротивстави на социјалистичкиот концепт на колективни права и да побара отворање широка расправа за соочување со минатото, анализа на сегашноста и барање алтернативни решенија за иднината. Тоа што некои ликови од албанската етничка заедница од Македонија ги дезинформираат Албанците за тоа што се моите ставови и што сум кажала, злоупотребувајки ја токму јазичната изолација, само го потврдува ова, што го имам напишано.

Во една држава мора да има заеднички јазик на комуникација исто како и на целата планета Земја, за да може да се стесни просторот за манипулација и лажење на луѓето.