Најуспешните во дијаспората заслужуваат награда од Македонија, средба Сиљановска Давкова – Ангелов

Најуспешните во дијаспората заслужуваат награда од Македонија било кажано на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов.



,,Разговаравме за преземените и планираните активности на Агенцијата, неопходни за унапредување на односите и соработката со нашите иселеници и нивните различни иселенички организации”, се вели во објавата на претседателката во која се додава дека агенцијата остварува интензивна соработка со импозантна иселеничка мрежа од 700 црковни, спортски и културно уметнички иселенички организации, коишто изразуваат силен интерес за средби со неа и со други највисоки претставници на државата, како неопходен механизам за зајакнување на односите со татковината.

,,Со директорот Горан Ангелов споделив идеја за доделување награди на најуспешните и најреномираните нашинци од дијаспората во сферата на науката, културата, бизнисот, спортот, како и за нужноста од изработка на „Дигитален регистар на најуспешните во дијаспората“ во соработка со Владата, МАНУ, универзитетите, амбасадите и други субјекти, заради евиденција на нашиот највреден социјален капитал надвор, како и за нивен ангажман во татковината”, се вели во објавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.