Најмалку 10 мртви и неколку повредени во пукотница во училиште во Грац, во Австрија

Има најмалку 10 мртви и неколку повредени во денешната пукотница во средно училиште во градот Грац, во јужна Австрија. Се смета дека во пукањето е вклучен ученик од истото училиште. Полицијата започна голема операција денес околу 10 часот по пријавите за истрели во училиштето, објавија локалните медиуми. Во овие моменти е поставен полициски кордон на улица наречена Драјершуценгасе. Властите потврдија дека австриска специјална единица, позната како “Кобра“, е распоредена во областа. Се уште нема сознанија за мотивите на оваа трагедија, ниту за идентитетот на ученикот, кој пукал.

Сликите, што се појавуваат од местото на настанот, покажуваат неколку амбулантни возила стационирани во близина на училиштето, а вооружени полицајци во панцири се гледаат групирани во близина на местото на нападот. Полициски хеликоптер продолжува да кружи околу училиштето во центарот на инцидентот, а австрискиот државен новински медиум ОРФ сега известува дека сите преостанати наставници и ученици заробени во зградата се евакуирани.

Спасувачките болничари се видени на улица во близина на училиштето. Властите првично потврдија пет жртви во средното училиште, но бројката на загинати се зголеми на осум. Се верува дека ученици и наставници се меѓу загинатите и сериозно повредените, објави ОРФ.

На платформата икс локалните власти истакнаа: „Операцијата е сè уште во тек. Полицискиот хеликоптер е исто така во функција.“

Според ОРФ, осомничениот за пукањето, за кој се вели дека е ученик во училиштето, го насочил пиштолот кон себе по нападот. Сопругот на една наставничка, за која се вели дека била забарикадирана во својата училница заедно со неколку ученици, изјавил за локалниот весник „Кроне“ дека неговата сопруга слушнала „неколку истрели“. Повредените ученици моментално се лекуваат од медицински лица во блиската сала „Хелмут Лист“.