Време е ТАА, а не ТОЈ да биде олицетворение на Македонија
Претседателските избори се повеќе од трка за фотељи, туку можност општествена преобразба.
Иако никој не им рече да почнат, седмите по ред претседателски избори во Македонија, веќе со сите партиски теревенки не сардисаа од сите страни.
Се очекува претседателските избори да се одржат на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг) 2024 година заедно со парламентарните избори.
Кога ќе помислите дека ДИК ви е потстанар, сетете се само на кутрите Американци кои барем две години бираат Претседател.
Набрзинка да си кажам школски: според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освоел над 50% од гласовите на сите гласачи во избирачкиот список. Доколку ова не се случи, се одржува втор круг на избори, во кој се натпреваруваат двата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да е над 40% за гласањето да биде важечко. Со оглед на тоа дека се очекува барем шест или седум кандидати да приберат 10 000 потписи, верувам ќе си гласаме два пати.
Иако јавноста има слика дека Претседателот на Македонија, горе-долу за ништо не се прашува, демек Владата е моќта… според Уставот истиот има широки и поприлично интересни овластувања. Дали и како ќе влијае во општествениот живот зависи од личноста и подготвеноста за функцијата.
На пример… првиот шеф на македонската држава, МетодијаАндонов-Ченто или првиот претседател на сегашна Македонија, Киро Глигоров биле секојдневно вклучени во политичките случувања.
Други… си го преспале мандатот.
Во очите на светот претседателот го отелотворува духот на нацијата – на Македонија, Претседателот е врховен командант на вооружените сили. Оваа улога ја нагласува одговорноста за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на секој еден од нас.
Замислете го Претседателот како капитен на националната репрезентација. Но… половина од нашата Македонија не се гледа себе си во лицето на капитенот. Иако Македонија денес стои ‘’ради силните жени на мојот народ’’ како што рече еден поет – не сме избрале жена за да биде олицетворение на Македонија.
Подготвени сме да ја исправиме и оваа неправда кон нашите мајки, сестри, сопруги, ќерки!?
Изборот на жена за претседател е момент кој има потенцијал да ги урне ѕидините кои со векови го попречуваат напредокот на жените. Тоа е моќна порака до девојките и жените ширум Македонија дека имаат неограничена можноста да постигнат големи нешта. Со самиот чин ТАА да е симбол на Македонија, го отвораме патот за идните генерации девојки да се стремат кон лидерски улоги со храброст и одлучност.
Можеби ќе се насмеете, но дојде време и за Прв Џентлмен! Светот знае за безброј примери кога животните сопатници за шефовите на држави се покажале како исклучително инспиративни и потттикнале општествени промени кои ниту една владина кампања не би ги сторила.
Кога ќе посведочиме како жена полага заклетва и ѝ се обраќа на нацијата со сила, мудрост и благодат… тоа силно би резонирало со нашите девојки и дами. Предолго, во нашиот политички пејсаж доминираат ‘’мачо’’ ликовите.
За наша среќа, годинава не само што имаме можност да го покажеме другото лице на Македонија, туку и да гласаме според своите гледишта. Имајќи две жени во трката Гордана Силјановска-Давкова и Билјана Ванковска… иако ги спојува академската кариера, безброј научни трудови, светска препознатливост во академијата – секоја си носи свои принципи. Па гласајте си според убедувањата!
Силјановска-Давкова е критички настроена кон секоја власт, но иако е во политиката и во душата либерал, забележително е што остава простор за прагматизам и договор..
Политичката јавноста уште од поодамна ја знае како суров критичар на национално поделеното општество, но и гласен академик за поништување на Преспанскиот договор. Пошироката јавност со Гога научи и да танчува, испробува јога, вкусува вегетаријанска исхрана и ја следеше на Тик-Ток на минатите избори.
Од друга страна, нејзината соперничка неделно ни се јавува во Нова Македонија со колумни, следејќи ги левичарските идеали… а нејзината личност е предмет на полемика кај граѓаните токму поради интелектуалниот ригор и карактерот на истрајност. Ванковска можеме да ја опишеме како строг левичар, гласен атеист, потврден алтерглобалист – а сето тоа подразбира и борба за некои идеалистички или утпоиски идеи.
Сакам да ја искористиме можноста пред нас и да избереме жена за претседател. Не се работи само за некојси тренд или историчност. Се работи за прифаќање на принципите на рамноправност и напредок кои лежат во срцето на нашата слободарска Македонија. Нека оваа мала држава биде земја во која секоја девојка ќе може да порасне знаејќи дека највисоката функција во земјата е на нејзин дофат.
До толку и должиме на Македонија!
Радован М. Б. Спиридонов
политиколог
(Најдобар студент на сите македонски универзитети за 2022 година)





