Околу 1000 странци се очекува летово да пристигнат за работа во туристичките центри во Македонија.
Непалци и Филипинци се вработуваат во угостителските објекти во Охрид, а сопствениците на бизниси за да ги ангажираат треба да исполнат одредени услови, да потпишат договори со нив со важност од најмалку една година, да им обезбедат сместување и еден платен оброк во текот на денот, но и пристојни плати.
„Има готвачи, помошници готвачи, келнери кои знаат јазик и се надеваме дека ќе имаме успешна сезона со тие вработени. Им нудиме солидна плата, сместување и јадење, тоа е во рамки на работните часови и сите законски регулативи.Ние 90 % работиме со странци и англискиот јазик ни е важен и сите кои ќе дојдат знаат англиски јазик“, вели сопственик на хотел за „Алсат“.
Но, „носењето“ на странска работна сила не е едноставно.
„Тешко беше да се донесат бидејки кај нас администрацијата е бавна, па затоа моравме да најдеме агенција за вработување од Србија или од други земји, за да можеме да ги донесеме преку нив“, вели тој
Угостителите сметаат дека единствен начин да ги вратат оние кои летните месеци заминуваат во Хрватска е да ги зголемат платите, но велат дека засега не можат да го достигнат европскиот стандард.






