МКФ денеска се јави со соопштение за настаните кои се случија вчера на редовното годишно собрание на кошаркарската организација и ги оставија без глас, без душа сите што се занимаваат со овој спорт на овие простори.



Македонската кошаркарска федерација и нејзиниот прв човек, Петар Наумоски сметаат дека начинот на кој медиумите ја информирале јавноста за случувањета на Собранието биле селективни.

„Поради селективното информирање од страна на медиумите за време на одржувањето на редовното годишно собрание, чувствуваме одговорност да дополниме важни моменти од дискусијата на самото собрание и на тој начин исправно и во целост да ја информираме јавноста.

Не е точно дека Претседателот на МКФ не сакаше да им го прифати барањето за додавање на нова точка на дневен ред за доверба, напротив, неколку пати им беше посочено од страна на Претседателот, дека тој ја прифаќа таа нова точка, но со само еден услов – некој од присутните да објасни како би функционирала федерацијата без законски овластен претставник? Кој би ја продолжил седницата на собранието? Кој ќе го потпише записникот од ова собрание за да донесените одлуки бидат валидни? Кој ќе им свика вонредно изборно собрание?

Бидејќи 3-4 делегати постојано се повикуваа на нивното право да тие можат да вметнат таква суштинска нова точка на редовното собрание (за што повторуваме и потенцираме дека не беше спорно да се прифати), а од нив беше побарано да дадат законско решение како би функционирала федерацијата и се што треба да сработи еден претседател доколку тој претходно биде сменет од таа функција, па кога и после понатаму? Тие не излегоа со ништо од тоа што се бараше од нив и продолжуваа да го рушат редот и текот на собранието. Претседателот, заедно со работното претседателство донесе едногласна одлука за прекин на собранието во интерес на времето и на легалноста во функционирањето на самата федерација и нивното раководство и им порачаа на членовите да соберат една третина од гласовите на членството на МКФ, да ги достават до раководството и според пропишаните рокови ќе биде свикано вонредно изборно собрание. Дополнително беше потенцирано дека на тој начин сите членови на собранието ќе имаат можност да ги видат и слушнат новите кандидати за Претседател на федерацијата и така ќе можат најреално да ги спознаат и согледаат нивните програми.

Дали ќе се сменеше раководството на синоќешната седница или за месец, нема никаква разлика освен практиката на насилна промена која можеби во идно време некој би ја злоупотребувал – кога веќе се е дефинирано како се доаѓа до едно такво барање во самите правилници на МКФ.

На верификациската комисија спорно и беше членството на новата Асоцијација за 3х3баскет со која договорот беше потпишан неодамна. Асоцијацијата со која претходно федерацијата имаше потпишано договор во изминатата календарска година нема покренато апсолутно никаква иницијатива за организирање на активности. Новото здружение самоиницијативно организира настан во Скопје, кој беше признат и поддржан од ФИБА со што се тргнува еден чекор понапред кон формирање на 3х3 репрезентација и започнување на репрезентативни активности, посебно од кога стана и олимписки спорт. Федерацијата го препозна квалитетот во здружението и желбата за работа и напредок во 3х3 баскетот поради што одлучи да го поддржи.

Претходно федерацијата не постоеше на мапата на функционални институции. Со доаѓањето на ова раководство на чело на МКФ не само што по 15-годишната блокада успеа да ја деблокира сметката на која беа наталожени долгови од преку 600.000 евра, кои беа зголемени бидејќи никој од претходните раководства воопшто не размислувал или планирал да се реактивира таа сметка туку и за првпат по 25 години постоење на оваа федерација сметката е во голема позитива и МКФ функционира беспрекорно. Тоа кажува доволно за податокот дали лошо се менаџира со оваа институција или пак во минатото било подобро.

Срамно е да се испревртува реалната слика, се со цел да се изманипулираат недоволно упатените, дека лошо се работи, на криминален начин или пак кажувајќи ја најголемата лага – дека ние сме ја уништиле кошарката. На вчерашната редовна седница, клубовите односно нивните претставници-делегати на некултурен начин водеа дискусија и недолично се обидуваа да наметнат некои свои измислени правила. Од еден делегат беше даден небулозен предлог – да јас бидам сменет од функцијата, но да продолжам да потпишувам записници и одлуки додека тие не изгласаат нов Претседател! Жално е да се биде сведок на такви навреди ‘под појасот’ од лица кои во секоја прилика се прикажуваат како бастиони на се што е добро во кошарката“.