Нова рунда разговори за разликите околу името ќе се одржи на 19 јануари во Њујорк, дознава Канал5.
Медијаторот Метју Нимиц ќе ги пречека „преговарачите“ Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, но не е јасно дали оваа средба која доаѓа малку повеќе од еден месец по претходната во Брисел ќе донесе нешто ново.
Медијаторот по средбата со преговарачите Наумовски и Василакис тогаш изјави дека има позитивна клима меѓу двете земји и дека на барање на двете страни закажал нови средби за јануари, февруари и март догодина за кога теоретски може да се очекува решение.
Тој бил окуражен од конструктивноста на Скопје и Атина, од тоа што климата за преговори е подобра но сепак не сакаше да дава надеж пред да се дојде до решение за името.





