Пишува: Свето Тоевски
На 3 декември 2024 година Владата на Република Македонија поднесе предлог-закон за средното образование за усвојување во Собранието. Во став 3 на член 54 од овој предлог-закон се наведува: „Културни активности: прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование започнуваат со интонирање на државната химна, за што одлучува основачот.“ Останува да се види во која насока ќе се одвива натаму собраниската расправа во врска со поднесениот закон за средно образование и со предвидената одредба за интонирање на македонската државна химна во училиштата. Коалицијата Вреди веќе најави поднесување свои амандмани на овој закон, но и СДСМ, но се уште не е познато какви ќе бидат тие амандмани.
Заев и Ахмети уште во 2021 година се договарале за менување на химната, знамето и грбот на Македонија!
Инаку, минатата година, кога темата на химната на Македонија ја отвори ВМРО ДПМНЕ, тогаш во улога како опозициска партија, и кога одделни нејзини градоначалници, како во општина Аеродром, донесоа одлука во училиштатаво тие локални самоуправи да се интонира македонската државна химна, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса Билал Касами имаше одреагирано со тврдење дека, наводно, „националната химна не ја отсликува мултиетничката реалност и мултиетничкото општество во * Македонија, па затоа не може да се интонира во општини со албанско мнозинство“. „Тоа подразбира дека мора или да се смени химната и да се почитува културната и етничката различност, или ако се донесе одлука таа да се интонира како што е, тогаш согласно со мултиетничката припадност на државата и општеството, па во земји, општини, или локалитети со албанско мнозинство како втора мнозинска заедница, да се интонира и албанската химна.“ – тврдеше тогаш Билал Касами.
За посочување е и случајот со Али Ахмети и со ДУИ. Деновиве на еден од нивните партиски собири низ Македонија Али Ахмети им порача на македонските политичари и на Македонците: „Нека заборават дека Македонија како држава е само нивна, таа ни припаѓа и нам, на Албанците!“ „Радио Слободна Европа“ на албански јазик и ТВ Клан Македонија во јуни 2021 година имаа објавено дека Али Ахмети уште во оваа година веќе започнал договарања со Зоран Заев и СДСМ да се изврши промена на химната, знамето и грбот на Република Македонија! Промената на македонските државни симболи можеби и ќе се случеше уште пред три години, ако Заев не дадеше оставка на позицијата премиер и лидер на СДСМ во октомври 2021 година.
Градење заеднички политички идентитет на Македонија со примена на уставниот патриотизам
Неидентификувањето со химната, знамето, со грбот, но и со името на Република Македонија покажува дека ќе треба да се гради „заеднички политички идентитет“ на Македонија како национална држава на македонскиот народ со мултиетничко општество. Наместо надворешно поттикнуван „уставен инженеринг“ во Македонија по замисла на други држави, потребна ќе биде час поскоро внатрешна политичка расправа како да се изгради колективен државен идентитет на оваа земја, кој ќе содржи елементи од етничкиот идентитет на македонскиот народ и на идентитетите и на другите етникуми во земјата, но без менување на знамето, химната и грбот на државата.
Авторот на оваа анализа смета дека е можно постапно сé поголемо заедничко насочување на сите етнички заедници и македонскиот народ кон заедничките точки во опстојувањето на државата, кон заемното, реципрочно „внатрешно интегрирање“ по пат на градење „заеднички политички идентитет“. Во изјава за Дојче веле на македонски јазик уште во 2007 година професорката Силјановска-Давкова, денес претседателка на Република Македонија, има нагласено: „Можно е таквото ’внатрешно интегрирање’ на различните етникуми, кои ќе најдат своја заедничка формула во ’уставниот патриотизам’ – во еден устав со заеднички точки за нив и другите етнички заедници.“
По 17 години, во април 2024 година Гордана Силјановска-Давкова во својата предизборна кампања за претседателските избори посочи: „Мора да имаме уставен патриотизам. Не можат да се менуваат факти како оние од АСНОМ, или како оние како се создавала македонската држава, што се случувало на 8 септември. Не може да се бега од тоа. Не го прави тоа никој. Ако само ние го правиме тоа, сите ќе ни се чудат и никој нема да не почитува.“
Деновиве се случува длабок расцеп во меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците во Македонија: отфрлањето на државната македонска химна од страна на албанските политички чинители е само еден од показателите за една крајно непосакувана ситуација: двата етникума се разидуваат во голема мера во поглед на важни етнички и државни прашања, напати до мера на нетрпеливост и спротивставеност. Со цел да се надминат етничките поделби, Република Македонија треба да започне да создава свој заеднички државно-политички идентитет, без менување на химната, знамето и другите свои државни и национални симболи како држава, но во кој заеднички државно-политички идентитет македонскиот, албанскиот и другите национални идентитети ќе се проткајат во една пофункционална идентитетска целина. Целина во која ќе започне постапното градење живот не едни до други, туку едни со други.
Ако се пројави заедничка политичка волја од сите политички претставници на етникумите, што живеат во оваа земја, тогаш „Крушевскиот манифест“ ќе може да се земе како основа, врз кој може да започне градењето на заедничкиот политички идентитет на Македонија, како национална држава на македонскиот народ, со соодветни граѓански карактеристики во функционирањето на уставниот и политичкиот систем на сите рамништа.
Важен елемент на новиот заеднички политички идентитет на Македонија може и треба да биде македонскиот оригинален илинденско-асномски концепт на уставниот патриотизам, заснован и врз концептите на водечките теоретичари на уставниот патриотизам Јан Вернер Милер и Крејг Калхун, како заеднички сеопфатен проект, споделен меѓу сите граѓани, заради градење и ширење чувство на идентификација со политичкиот систем, кој ќе обезбедува слобода и еднаквост за секој граѓанин, без оглед на етничката, јазичната, верската и политичката припадност. Оа е една од можните насоки како да почне да се елиминира длабокиот расцеп во меѓуетничките односи во Македонија, не по пат на одбивање да се гради заеднички свет, заеднички живот, не по пат на палење и газење на знамето на државата во која се живее, не по пат на барање да се променела државната химна, „за да се ставеле сите во неа“, па тогаш да бидат сите среќни и задоволни.
Како што може во тристамилионска Америка со илјада и петстотини различни етнички припадности да се почитуваат американското знаме и американската химна со внимание и со раката на срцето, дали не може и во двомилионска Македонија со ниту десеттина различни етникуми македонското знаме и македонската химна да се прифатат и да се почитуваат барем со должното цивилизациско и човечко внимание и однесување?
Република Македонија ќе може и ќе треба да започне да следи одделни важни карактеристики на американската држава во нејзиното функционирање, особено откако новиот нејзиниот нов претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата на 25 јануари 2025 година, но не на начин да се претвори во недостоинствена држава – „сателит“ само во американската „геополитичка орбита“. Градењето или стратегиски партнерства како со САД, или други видови пријателства, заемно разбирање, признавање и соработка ќе треба да се воспоставуваат во новата мултиполарна ера и со други важни држави во светот, со високо кренато знаме на Македонија и со гордо интонирање на нејзината државна химна. Како возобновена Република Македонија – како Република Македонија и никако поинаку.
.
.





