Претседателот на Бугарија, Румен Радев врховен командант на држава членка на НАТО и генерал на НАТО, замина во многу итна посета на Унгарија и Швајцарија, додека Софија беше домаќин на Парламентарното собрание на НАТО – клучен меѓународен настан за земјата во последните неколку години, пишува Веселин Стојнев за Дојче веле.
Бугарскиот врховен командант дезертира од НАТО!
„Радев објасни дека не побегнал од Бугарија, бидејќи неговите посети биле договорени многу пред да се закаже Собранието – иако дури и на недипломатите им е јасно дека и да беше така, немаше да има проблем таквите посети да се одложат за неколку недели или месеци.
Згора на сето тоа, претседателот Радев, кој се декларира дека е бескомпромисен бранител на бугарските интереси во однос на С. Македонија, никогаш не кажа дали за време на неговата толку важна средба со Виктор Орбан го поставил прашањето зошто со години го засолнува осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски и зошто блиски до него олигарси ги поддржуваат скопските медиуми кои шират антибугарска пропаганда.
Всушност, Румен Радев не би се чувствувал пријатно да се сретне во Софија со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и да биде првиот по ранг што ќе биде домаќин на претставниците на парламентите на 32-те земји-сојузнички на пактот. Не само затоа што тој ќе биде примен од нив со повеќе од ладна дипломатска учтивост како добро познат русофилски НАТО-вец.
Тој многу повеќе се чувствува на своето место во Будимпешта со најжестокиот путинофил во Европската унија – Виктор Орбан, од каде уште еднаш го прогласи своето миротворно кредо за војната во Украина“, вели авторот на анализата.
(…)
„Едно не може да се негира, за бугарскиот претседател, од првиот ден на инвазијата на Русија, виновникот не е виновен, а војната е како природна појава – како дожд со громови, излеан над Украина. И затоа мирот може да се постигне ако Украинците се согласат да предадат територија и население онолку колку што врнело и грмело“, заклучува Стојнев.






