Министерството за здравство на Бугарија соопшти дека повеќе од 600 лица само вчера дале крв низ земјата за настраданите во трагедијата во Кочани згрижени во медицински установи во Софија, Варна и Пловдив.
Најголем број крводарители, 218, имало во Националниот центар за трансфузиона хематологија (НЦТХ). Дел од дарителите со автобуси на НЦТХ беа пренесени од болницата „Пирогов“ кадешто беше отворен мобилен пункт.
Други 68 лица даруваа крв на лице место во болницата за итна помош, а 109 се крводарители на Военомедицинската академија (ВМА).
Во Регионалниот центар за трансфузиона хематологија (РЦТЦ) Пловдив вчера дојдоа 112 доброволци, 68 дарувале крв во РЦТХ Варна, 35 во Плевен и 14 во Стара Загора.
Сите крвни центри известуваат дека бранот на сочувство не стивнува ниту во овој момент.
Во меѓувреме, трите медицински установи кои ги згрижуваа пациентите од Република Северна Македонија известуваат дека нема значителна промена во нивната општа состојба.
Во „Пирогов“ се сместени вкупно 9 лица, од кои двајца се екстубирани, а едно е на маска за кислород. Останатите пациенти и понатаму се на механичка вентилација.
Состојбата на останатите пациенти примени во Медицинскиот центар во Варна и Медицинскиот центар „Свети Георги“ во Пловдив и понатаму е сериозна, но стабилна.






