Вториот круг претседателски избори и парламентарните избори утре ќе ги следат 1303 домашни набљудувачи, 860 странски набљудувачи и 83 странски новинари, информираше на вчерашната седница на Државната изборна комисија, Бобан Стојаноски.
Претходно тој информира дека до ДИК пристигнале барања за акредитации за набљудувачи за изборите за претседател и за изборите за пратеници, а се однесуваат на дополнување на веќе прифатени акредитации, се работи за организација Вејк ап – 9 набљудувачи, ТВ Н1 од Белград со двајца новинари, Телевизија Клан Косова – 8 новинари, Амбасадата на САД дополнување со еден набљудувач, и ТВ Имеди – двајца новинари.
Гласањето во текот на утрешниот ден, потсети Стојаноски, се врши лично на гласачките места во државава.
„Избирачкиот одбор задолжително го прашува гласачот дали сака да гласа за двата вида на избори или сака да гласа само за еден вид на избори, односно дали сака да гласа дали за претседателски или за парламентарни или како што напоменав претходно и за двата избори одеднаш.
Притоа, им го објаснува начинот на гласање и им овозможува на гласачите да гласаат.
Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
ДИК апелира до избирачките одбори и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесени од страна на ДИК со цел успешно спроведување на двојните избори.






