Вкупниот имиџ на Македонска пошта во јавноста е толку опаднат што од одговорноста за лошото работење не може да се исклучи никој, почнувајќи од поштарите до службениците на шалтерите па до директорскиот врв, реагира новинарката Соња Крамарска во напис за „Дојче веле“ по штрајкот на вработените кои се жалат на минималните плати и бараат навремена исплата.



Дури 80% од вработените во Македонска пошта се на минималец, а и тој доцни

„Малку кој се загрижи за штрајкот во Пошта на с.Македонија. Граѓаните со децении наназад се незадоволни од услугите на Пошта, но се чини дека компанијата која што е во државна сопственост (читај во сопственост на сите граѓани на Македонија) не беше загрижена за мислењето на корисниците.

Молчешкум преминуваа преку критиките дека поштенските прати доцнат со месеци или често не стигнуваат на назначената дестинација, а за вредносни пратки или препорачани писма и да не говориме.

Оваа институција која, во повеќето држави се смета за најсигурен начин да стигне една пратка, во Македонија е предмет на потсмев, а фактот што се случија неколку сомнителни грабежи на пари и пожар, додадоа и сомневања дека таму се врши криминал“ пишува Крамарска.

Како што вели, додека платите стигаа на време, вработените во Пошта не придаваа важност на лошиот имиџ што компанијата го имаше во јавноста.

„За нив причина за аларм е само неколкудневното доцнење на платата.

Темата, пак, за злоупотребите, непрофесионализмот, губењето на писмата, исчезнувањето на поштарите од улиците, не беа ниту еднаш причина 1.800 вработени да се запрашаат каква иднина ја чека Пошта и нивните работни места со такво лошо извршување на основната функција“, вели авторката и предвидува:

„Не е далеку времето кога на Пошта веќе ‘нема кој да ѝ пишува’, а вестите за штрајкот ќе бидат игнорирани во јавноста како што со години, ако не и децении наназад, се игнорираат поплаките на граѓаните за изгубените и недоставени пратки“…