Пишува: Свето Тоевски:
Потребно е длабоко национално промислување и од македонскиот народ и од нашите политички претставници околу тоа што се случуваше денес во Брисел во Европскиот парламент при гласањето за предлог-извештајот на Томас Вајц: расправаа Европејците, Бугарите, дали постои македонскиот јазик, или не, дали постои македонскиот идентитет, или не… Македонскиот јазик не се само овие зборови, кои ги изговараме, граматиката, според која ги врзуваме во реченици, туку тоа е многу повеќе духот на нашите претци и духот на нашите потомци, кој извира од секој збор… Нашиот јазик е нашата „единствена комплетна неподелена идеална татковина“, тој е нашата македонска идентификациска легитимација пред светот, столбот на нашиот идентитет… А нашиот македонски идентитет е нашето колективно национално јас… Ете, ова денес беше развлекувано низ салата во Брисел, каде што се расправаше дали овие денешни Македонци постојат, или не…
Бриселско-стразбуршки „Деветти круг на македонскиот идентитетски пекол“, дефиниран од Данте Алигиери, а редефиниран од Бугарија, Грција и ЕУ
Дали тоа ние дозволуваме светот, Европа да расправаат дека нѐ, има, или нѐ нема? Врховниот принцип на меѓународното право е јус когенс, дека е недозволиво и незамисливо завлегување, а камоли расправа и одлучување за идентитетскиот комплекс на кој било народ, во случајов со македонскиот народ. А токму ова се случуваше денес во Брисел, токму тоа е предвидено да се случи и на 8 јули 2025 година на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур. Ова е драстично кршење на меѓународното право врз грбот на македонскиот народ: некој, некои да ни кажува: „Да, ве има , или ве нема, имате право да постоите, или немате право да постоите… Да, го има вашиот јазик, или го нема, имате право да го зборувате, или немате право да го зборувате…“
И во име на што, заради што дозволуваме да ни се случува овој бриселско-стразбуршки „Деветти круг на македонскиот идентитетски пекол“, дефиниран од Данте Алигиери, а редефиниран од Бугарија, Грција и ЕУ? Во име на влегување во ЕУ, за која унгарскиот премиер Петер Сијарто ни кажа отворено и пријателски дека „под масата“ мнозинството држави-членки на ЕУ воопшто не сакаат да бидеме примени во „елитниот европски клуб“? Во име на влегување во ЕУ, за која хрватскиот претседател Милановиќ, исто така добронамерно како Сијарто нѐ поучи: „Немојте да бидете само жртви на принуда, или изнудување кога станува збор за членство во ЕУ. Државите се измамени со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ, со цел да се постигнат некои отстапки од нив. Тие се залажуваат себеси дека ќе станат членки на ЕУ. Но во ЕУ нема повеќе никој да влезе, освен можеби Црна Гора. Се додека некој е против Македонија таа нема да може да напредува на тој пат. Единствено е прашањето: дали тоа за вас и за вашите граѓани е сè уште е најважната работа на овој свет, или има некои други работи, кои може државата да ја дефинираат како успешна и реализирана заедница?“
Само Софија е „местото каде што ќе треба да се решава за македонскиот јазик и идентитет, за националната судбина на Македонците“
Можеби е врв на политичката перверзија фактот дека токму оној, што се обидува целосно да го поништи нашиот јазик и нашата национална и идентитетска засебност на Балканот и во Европа – Бугарија, токму тој ја говори вистината, секако само делумно и од својот агол: бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев цврсто ја отфрли идејата дека Европскиот парламент има какво било овластување да зборува за прашања од национален идентитет или јазик! „Европскиот парламент не е место за решавање на прашања за идентитетот. Ова се прашања надвор од неговата надлежност.“ – кажа Георгиев и дотука е во право. Но тој и неговите колеги-политичари од Софија сакаат да нагласат уште и дека само во Софија е местото каде што ќе треба да се решава за македонскиот јазик и идентитет, за националната судбина на Македонците. „Особено во контекст на процесот на пристапување на С.Македонија во ЕУ.“ – ќе дополни вчера Георгиев.
Да биде појасно: Европскиот парламент на 8 јули може и да изгласа резолуција, со која ќе се признае постоење македонски јазик и македонски идентитет, за кој Бугарите, поткрепени со нивни поддржувачи од редовите на европските парламентарци вложуваат крајни и севозможни напори или тоа да не се случи воопшто, или да се изврши „временска диверзија“ со додавање на зборот „современ македонски јазик“. Што ќе рече, дека постои само од 1944/1945 година, кога бил измислен од Тито овој македонски јазик, кој „нема никакви корени во минатото“…
Според европското право и европската пракса, каква било декларација, или резолуција на Европскиот парламент, нема карактер на обврзувачки, задолжителен документ. Така што, и да се донесе во Стразбур на 8 јули акт, врз основа на документот на Вајц, со кој ќе се признае македонскиот јазик и идентитет, тогаш тоа Бугарија воопшто нема да го прифати, ниту да го признае, во никој случај. Ова веќе го навести шефот на бугарската дипломатија Георгиев, вчера велејќи: „Ниту една земја од ЕУ не е склона да отстапи од, она што беше заеднички постигнато тогаш“. Тој мисли на „добрососедскиот подарок“, што ѝ го дадоа на Софија Зоран Заев, Бујар Османи, тогашната Влада на Република Македонија и тогашната владејачка гарнитура: со „Бугарскиот договор“, двата протокола, „Преговарачката рамка“, „францускиот предлог. Но и Франција и ЕУ.
И уште нешто многу важно: и да ја прифати, претпоставено и условно кажано, Бугарија таа резолуција, по тоа би уследила обврска конечно да мора да се извршат промените во уставот, односно да се внесе великобугарската државотворна агенда во македонскиот устав, не само „бугарскиот државотворен народ“, со сите можни натамошни апокалиптични последици за македонската државност, историја и македонскиот идентитетски комплекс. Со еден збор, целосна бугаризација за релативно кратко време. Ова е она, што го поддржува и ЕУ и што го бара од нас и таа, не само Софија. Дали сме подготвени да ја платиме оваа цена за „влезницата“ во ЕУ, која, сепак, нема никогаш да ни биде дадена в раце?
Дали постојат, или не, македонскиот јазик и идентитет се расправаше во Европскиот парламент денес, на 24 јуни, на денот кога пред 164 години во Загреб беше издаден Зборникот на македонски народни песни на Димитар и Константин Миладинов. Овој зборник со околу 600 песни, со душата и битот на македонскиот народ втиснати во нив, е своевиден „Манифест на македонизмот и на македонскиот јазик и идентитет“. Денешната расправа во Брисел беше и газење врз овој „Македонски манифест“, ние дозволивме да ни се случува тоа, во името на евроинтегрирањето. Дали ќе дозволиме да се изгази целосно?
Бугарската копија, без свој осознаен национален идентитет и етничко потекло, му го негира постоењето на македонскиот оригинал!
Иван Илчев, дописен член на Бугарската академија на науките и член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, кој пред три години има нагласено „не сме браќа со Македонците“, во интервју за бугарскиот весник „24 часа“ сега ќе каже: „Гледам параноичен стремеж во Македонија да утврдуваат еден измислен идентитет, или попрво нејзиното постоење како такво. Со тоа се судираме во бугарско-македонската комисија. Тоа е плод на еден многу силен комплекс на инфериорност, со кој се воспитувани повеќе од сто години во Македонија. Тие не можат и не сакаат да прифатат и дека млада нација може да се развива добро и да прерасне во почитувана членка на ЕУ.“
Но да видиме што вели објективната и сериозна наука околу тоа кој има комплекс на инфериорност, кон кого и од какви причини. Дилемите на Бугарите за нивното сопствено етничко потекло и јазик денес се дел од главните причини зошто тие ги негираат и ги присвојуваат македонскиот идентитет, јазик и историја како свои: бидејќи сѐ уште немаат осознаено што се и кои се, од кај се по потекло, па сето тоа го „разјаснуваат“ крадејќи ги идентитетот, јазикот и историјата на Македонците, кои се присутни на Балканот многу векови пред да дојдат на овие територии предците на денешните Бугари…
Бугарскиот народ сѐ уште нема свој оформен искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Бугарите имаат „комплекс на неосознаен етнички и лингвистички идентитет“, големи дупки и празнини во конструкцијата на својот национален и јазичен идентитет. Апсурдна е големата настојчивост на бугарските политичари и научници да го докажат „бугарскиот карактер“ на македонскиот народ и јазик, што се случува не само денес туку во континуитет повеќе од еден век. Имајќи ги предвид сите научни факти и аргументи, дури и смешни се обидите на бугарската копија да му го негира постоењето на македонскиот оригинал.
(продолжува)
(Авторот во оваа објективна политичко-лингвистичка анализа изнесува ставови од свои објективни научни и други истражувања, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)






