Забрана за влез во Грција за сите учесници на мирниот протест со кој што пред македонското МНР беше пречекан грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во Скопје.
Ова од грчките власти го бара грчката националистичка организација „Македонски лига“ (Macedonian league) активна во Западна Европа и САД.
Грчките националисти од дијаспората очекуваат од владата во Атина нејзините служби да ги идентификуваат сите учесници на собирот на кој се протестираше против „грчката окупација“ на Македонија во 1913 година и ним да им се изрече казна забрана за влез во земјата.
Основата за ваквата одлука на Атина според организацијата која што има одлични односи со сите влади во Грција е во „иредентистичката политика“ која што ја промовираат демонстрантите кои што споед Македонската лига се залагаат за одземање на грчки територии.
На дел од транспарентите кои што вчера ги носеа демонстрантите имаше знамиња со симболот од Кутлеш (Вергина) кој што според грчките власти согласно времената спогодба не смеат да се користат во Македонија. Проблем за Грција се и пораките со територијални претензии и мапите од етничка Македонија кои што според Атина значат отворена закана за грчкиот територијален интегритет.
На грчката црна листа за влез во земјата во последниве неколку години имаше десетина луѓе, дел од нив новинари, историчари, активисти за човекови права а на неа беше и пејачката Сузана Спасовска која доби “црн печат“ затоа што беше гостин на прославата на Илинден во селото Овчарани каде што редовно се пејат македонски патриотски песни.





