Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски најави дека в понеделник, на 24 март 2025 година, во Република Македонија ќе бидат вратени првите пациенти од пожарот во Кочани, кои се наоѓаат на лекување во странски медицински центри. Тој соопшти дека се работи на планот за следните фази на рехабилитација. Во пеплосаната „дискотека“ во Кочани беа повредени 186 лица, од кои на лекување во македонските болници се 72 пациенти, а 111 во странските болници.
Во гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител Клековски посочи дека завршувааат префрлањата во странските болници. Вчера биле пренесени тројца пациенти во Турција, седум пациенти во Шпанија и последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република.
„Заврши доаѓањето нови повредени во македонското здравство. Можеме да се справиме со околу 70 повредени во Македонија, колку што ги има овде. Се уште имаме пациенти на интензивна нега, меѓутоа сите се стабилни со позитивна прогноза. Во основа логиката на ова што го направивме изминатите денови, Не знаевме кој ќе биде обемот на трагедијата и затоа логиката беше што колку е можно повеќе тешко повредени, како и критични повредени, да се пренесуваат во странство. Таа одлука е донесена од Владата многу рано, веќе во утринските часови.“ – нагласи директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Тој не кажа колку има пациенти кои, се во критична состојба, но увери дека прават се што е можно да бидат добро и оти сите се згрижени во најдобри можни услови, според степенот на повреди. Ја нагласи и брзата реакција на надлежните. „Одлучувавме исклучиво по критериуми, конзилијарно, директорите на неколку клиники, без разлика што сместувањето беше во пет центри на почетокот: во Кочани, Штип, во ‘Св Наум Охридски’, во ‘8 Септември’ и повеќе клиники во Клиничкиот центар во Скопје. Во неделата, за помалку од 12 часа од несреќата првите транспорти на повредени ги имавме кон Солун (Папаниколау). Потоа уследија дојдоа транспортите кон Софија (Пирогов), Бугарија, а потоа и Турција и Србија.“ – изјави Клековски.
Тој укажа дека првите околу 150 пациенти ги прифати македонското здравство максимално пожртвувано, а први на помош пристапиле Бугарија, Грција, Србија и Турција. Тие реагирале најбргу со свои авиони и испратиле сопствени возила. Бугарија и Србија испратиле и итна помош. Клековски посочи дека Владата го активирала механизмот за цивилна заштита на Европската унија на вториот ден од несреќата кога се пополниле капацитетите во соседните земји и откако почнале да доаѓаат нови пациенти. Тој потсети и на странските лекарски тимови, кои пристигнаа на помош во Македонија од Србија, Израел и од Чешка со експерти за изгореници, кои им помогнале на домашните медицински работници во болниците, кае што беа лекувани средно тешките пациенти.
Директорот на Фондот најави дека на македонското здравство му претстои темелна реформа, на што веќе работат со британски тим. Имаат понуда и од израелското Министерство за здравство да работат на механизми за справување со вакви кризни состојби. Тој нагласи дека е ова почетна фаза на згрижувањето на речиси 200 повредени во пожарот во Кочани, а допрва претстои долготрајна фаза на лекување, рехабилитација и психосоцијална работа. „Веќе в понеделник, на 24 март 2025 година ќе ги имаме првите враќања од странските болници.“ – напомна Сашо Клековски.
„Огромна е траумата во целата земја, посебно во Кочани, Облешево, Виница, каде што има загинати. Британската Влада и израелското Министерство за здравство понудија да ни помогнат да го осмислиме планот, што ќе го правиме следната година, или во рок од две години, бидејќи оваа трагедија ќе дава последици, кои ќе траат подолго.“ – рече Клековски. Финансирањето на лекувањето на пациентите е прашање, на кое во првите денови од несреќата не размислувала Владата, не го покренале ниту соседите, но Клековски укажа дека тоа дополнително ќе се отвори, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат исклучително долготрајни, судејќи според досегашните искуства на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
„Порано. или подоцна, ќе мораме да почнеме да разговараме со земјите како ќе ги уредиме односите. Но, во ниеден момент не се постави прашањето кој и како ќе го финансира тоа, туку дека прво мора да се бориме да ги спасиме животите на повредените, а потоа ќе ги гледаме достапните механизми и како ќе се регулира тоа.“ – наведе Клековски.





