По информациите дека Македонија и Албанија се раздвојуваат на патот кон ЕУ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека  мора да останеме посветени на реформите и да ги убедуваме нашите стратешки партнери и земјите членки на ЕУ дека сакаме што побргу да се отворат пристапните преговори.



„Тоа е наш клучен приоритет, но бараме воспоставување на систем преку кој што ќе има предвидливост на нашиот пат кон полноправно членство“ изјави Муцунски во интервју за МИА.

Запрашан како ги коментира информациите од Брисел дека доколку до Нова година нема уставни измени ќе прекинат разговорите за наше членство во ЕУ, министерот за надворешни работи вели дека се сомнева дека такво нешто ќе се случи.

„ Не сакам да верувам на брифинзи. Сакам да верувам на она што го зборуваме и со политичките претставници на земјите–членки, но и со претставниците на ЕУ, а тоа е дека ЕУ останува посветена на Западниот Балкан, дека сака целосна интеграција на Западниот Балкан и од таа гледна точка познавајќи ја и суштината на политиката за проширување како композитна политика на ЕУ се сомневам дека ќе дојде до прекин на какви било разговори со државата, рече Муцунски.

Министерот рече дека нема да ги коментира изјавите на бугарските политичари, а за декларацијата во бугарското собрание рече дека секогаш кога има избори во Бугарија се носи некаква декларација.

„…Ова се претвора веќе во пракса. Има и провокации насочени ќе повторам примарно кон премиерот, а второстепно и кон мене.

Најголемата желба на политичарите во Бугарија е да се симнеме на тоа ниво, за уште повеќе да го експлоатираат ова прашање во кампањата и да ја претворат кампањата во кампања за македонското прашање.

Тоа задоволство нема да им го дадам. Ние треба ги заштитиме нашите интереси и да го правиме тоа на еден позитивен и цивилизиран начин. Ја искористивме културната дипломатија како алатка, образовната дипломатија ќе ја користиме, економската дипломатија ќе ја користиме, но, ќе си ги штитиме и нашите интереси.

Тоа значи нема да бидеме попустливи и истовремено ќе градиме мостови. Нема да им ја дадам таа привилегија да навлезам во секојдневниот дискурс на таа кампања, а посакувам поуспешен завршеток на кампања.

Да имаме политичка влада, ќе повторам, која со целосен политички легитимитет ќе разговара со нас за сите отворени прашања, бидејќи колку што нас нè засега ова закочување на европските процеси верувам дека тие што автентично вруваат во Европската иднина и на Бугарија, сакаат да се одблокира тој процес за заеднички да се движиме напред по исти патишта.

 

Целото интервју на следниот ЛИНК