Муцунски – Герапетритис: Важен чекор напред во јакнењето на регионалната соработка и значително унапредување на дипломатските односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска во заднината на Делфи економскиот форум во Грција оствари средба со грчкиот колега Јоргос Герапетритис. Муцунски нагласи дека средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на дипломатските односи.

На средбата, како што стои во објавата на фејсбук, била нагласена заедничката подготвеност и потребата за натамошно унапредување на заемната соработка преку засилен политички дијалог, приоритетно поврзување во инфраструктурата и енергетиката, како и преку нова динамика во економијата, културата и туризмот.



„Упатив искрена благодарност за навремената и висококвалитетна медицинска помош, што ја обезбеди Грција за дел од повредените во трагедијата во Кочани. Тоа е силен гест и одраз на искрено пријателство меѓу две соседни земји.“ – истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски во својата објава на општествената мрежа.