Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на својата денешна редовна седница им искажа поддршка на свештенството и на верниците на Украинската православна црква, неодамна укината од Парламентот во Киев.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска православна црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби.
Светиот синод на МПЦ–ОА, сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на УПЦ, Неговото блаженство Митрополит киевски и на цела Украина, г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија.
Истовремено, Светиот синод се моли за единство на сите помесни православни цркви, кои го сочинуваат Телото Христово“, се вели во соопштението.
Одлуката на Врховната Рада од 24 август во однос на УПЦ само два дена подоцна ја критикуваше и папата Франциск, изразувајќи длабока загриженост, истакнувајќи дека „ниту една христијанска црква не треба да се укинува, директно или индиректно“.
Вселенската патријаршија, пак, на 5 јануари 2019 година ѝ додели автокефалност на Православната црква на Украина (ПЦУ), која ја признаваат уште три православни цркви – Александриската патријаршија и црквите на Грција и на Кипар.





