Додека политичарите ветуваат мед и млеко, граѓани пак ќе го заработуваат лебот на сезонска работа во Хрватска. Мора да работам, последната плата што ја доби татко ми е за јануари, вели студент, во изјава за ДВ. Порталот анализира што ги чека граѓаните сега, а што по изборните волшебни ветувања, но и колку и дали тие се реални.
Инвестиции, повисоки плати, нови работни места, подобар стандард, ветуваат политичарите секој ден од изборните митинзи. Додека тие ги раскажуваат изборните програми, дел од граѓаните го бараат решавањето на нивните егзистенцијални проблеми во други држави.

Покрај тековниот процес на трајни иселувања, најчесто во земји на ЕУ, почнува и периодот на масовни заминувања на сезонска работа, најчесто во Хрватска и во Словенија. Иако веќе функционира заедничкиот пазар на труд без бариери во земјите од иницијативата „Отворен Балкан“, интересот за работа во Србија и Албанија е помал од оној за сезонска работа во Хрватска.
До почетокот на април годинава 2.239 граѓани побарале ИД број на Отворен Балкан за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Македонија и Албанија, па сѐ уште е рано за одговори колку од нив и навистина ќе се вклучат во пазарот на трудот и – каде!

За илустрација, според податоците на Стопанската комора на Србија, во текот на целата 2023 година заклучно до 26-ти март годинава, според Законот за вработување на странци, подрачните единици на Националната служба за вработување на Србија издале вкупно 556 работни дозволи на државјани на Северна Македонија и 99 работни дозволи на државјани на Албанија. Во првите три месеци од годинава во Србија се вработиле 62 Македонци и десет Албанци.
Дали таа бројка може да порасне? Според интересот на македонските граѓани, во фокусот повеќе е сезонската работа во Хрватска, каде дел од нив имаат повеќегодишно искуство. Повеќе на ДВ.ком.мк.





