Грчкиот премер Кирјакос Мицотакис упати уште една порака со предупредување до новата Влада во Скопје, да ја смени позицијата и да го користи само името „Северна Македонија“.
„Во спротивно, сигурно ќе создадат проблеми и во односите со Грција и во односите со Европа“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за државната телевизија ЕРТ.
Тој повтори дека без целосно усогласување со Договорот во однос на името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ перспективата на земјава, јави дописничката на МИА од Атина.
За изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Мицотакис рече дека станува збор за „изјави на мандатарот за премиер“ и дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата Влада, но потенцираше дека „првите примери на однесувањето се исклучително негативни“.
Потсети дека тие ние не гласаа за Договорот од Преспа, бидејќи имаа приговори „за фактот што овој Договор обезбедува македонска нација и македонски јазик“, што воедно, според Мицотакис било и главната причина зошто не го поддржаа Договорот.
Во утринското интервју за ЕРТ, Мицотакис ги повтори и следните чекори на Владата:
„Она што сигурно ќе го сториме е дека нема да ги донесеме за ратификација трите меморандуми што произлегуваат од Договорот и сега целосно се оправдува нашата позиција да го задоцниме ратификување.
Ние веќе извесно време гледавме што се случуваше во с. Македонија, го слушавме овој националистички пароксизам на ВМРО, знаевме дека ВМРО ќе победи на изборите и сакавме и ние да задржиме некои суштински преговарачки оружја во случај работите да не одат како што се очекува“, рече Мицотакис, пренесе МИА.






