Примиерот Христијан Мицкоски денеска ги оцени како безпредметни обвинувањата кои доаѓаат од опозициската ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети дека Владата работи моноетнички што има за цел да го преобликува политичкиот модел на државата од мултиетничка во моноетничка демократија.
Одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Тетово, премиерот рече дека колку повеќе функционери на ДУИ се фатени во криминал додека ги вршеле своите функции во минатото, толку повеќе ќе се заострува ваквата нивна реторика.
- „Сум ги слушнал јас тие обвинувања од Демократската унија за интеграција кои кога се само во Влада тогаш можат да се размавнат космополитиски, во наводници се разбира, а кога се во опозиција се обидуваат да наметнуваат ваков тип теми во јавноста. Но, ние работиме и докажавме дека работиме неселективно и така и ќе продолжиме. За оваа Влада секој квадратен километар од речиси 26 000 квадратни километри (колку што зафаќа територијата на државата, односно 25 713 километри квадратни н.з.) е важен без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и останати. Без разлика дали таму градоначалникот е од ВЛЕН, од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ или ДУИ или СДСМ или некој независен, нашиот интерес се граѓаните и така и ќе продолжиме“, кажа премиерот во Тетово.
Говорејќи на темата, тој додаде, дека на ДУИ ѝ препорачува да се врати на зелената агенда што ја промовираше пред неколку години и така можеби ќе излезе со некоја квалитетна идеја.





