Ставот на Владата по прашањето за внесување на Бугарите во Уставот е јасен и непроменет, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Ал Џезира.
Премиерот вели дека во таа насока треба да се даде одговор на две прашања, односно која е причината за внесување на Бугарите во Уставот и што добиваме ние како држава од тоа.
„ Првото прашање има едно потпрашање. Велиме, во ред еве, дали нечии права човекови се забранети или се ограничени затоа што не се дел од Преамбулата на нашиот македонски Устав. Тогаш се поставува дилемата, во ред може да е тоа така, но која европска институција е задолжена да суди дали нечии човекови права се ограничени или нарушени.
Тоа е Судот за човекови права во Стразбур.
Ако ги видиме одлуките на овој суд поврзани со човековите права во регионот ќе дојдеме до заклучок дека 14 пресуди доаѓаат од оваа европска релевантна институција за македонската заедница во Бугарија дека нема право, односно дека нивните човекови права или се ограничени или се нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија.
Четиринаесет со нула, значи не е тоа причината. Ајде тогаш да видиме што е причината и што добиваме ние“, кажа Мицкоски.
Тој, како што соопшти владината прес-служба, праша дали некој нас ако ова го направиме ни гарантира дека ова е последното кое што треба да го направиме.
„Бидејќи гаранции дека ова е последното слушаме уште од раните 90-ти кога променивме име, променивме знаме, променивме банкноти, територијални распределби, имавме воен конфликт, неколку пати менувавме Устав и секогаш пораката од Брисел беше, само уште ова и вие сте најдобрите во одделението и вие сте тие коишто ќе бидете први, но за жал сите поминаа, а ние се уште останавме во ходник да чекаме вратата да ни ја отворат, да седнеме и да преговараме“, потенцира Мицкоски како што пренесува „Плусинфо“.






