Мицкоски: ДУИ е на пат на радикализација и криминализација

На поткастот насловен „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, тој рече дека по ставањето на Груби на црната листа, интегративците треба да направат кадровски рез, а не да испраќаат збунувачки пораки..



Во вечерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати сериозна критика кон ДУИ, посочувајќи дека партијата се наоѓа на пат на радикализација и криминализација.

Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.

„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.

Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од она што било во минатото. Мицкоски упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал.