Мицкоски до сите оспорувачи на македонската држава: Темелите ѝ се полеани со крвта и страдањата на многу Македонци низ востанијата!

„Темелите на македонската држава се полевани со крвта и страдањата на поколенија и поколенија Македонци, кои веруваа во иднината и слободата. Ние сме народ, што преживеал многу предизвици и кој успевал да се издигне над нив секогаш.“ – кажа премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски вчера во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ Потсетуваме на неговите пораки како укажување за секој, што ќе се осмели и ќе се дрзне да го оспори инаку непобитниот факт дека македонскиот народ самиот ја формира својата македонска држава Република Македонија со безбројни страдања и жртви. Премиерот Мицкоски ја изнесе своевидната „Македонска платформа за иднината“, претставувајќи ги 10-те принципи за развојот на Република Македонија во периодот, што следи.

„Референдумот за независноста  и нејзиното прогласување на 8 септември беа крајниот резултат на повеќевековната борба за слобода и независност на македонскиот народ. Референдумот беше производ на една епопеја на големи херојства, кренати востанија, два Илиндена, на шествековна борба за слобода. И секогаш во нашиот идеал, во нашето верују беше сонот за Републиката. Не за кралства, не за монархии, туку за Републиката како стожер на нашето постоење, како израз во верувањето на владеењето на мнозинството и одлуките, низ кое може да се слуша и да се почитува гласот на народот.“ – нагласи премиерот Мицкоски.

Дел од десетте принципи, кои претседателот на Владата Мицкоски ги соопшти, се воспоставување правда и правна држава, крај на партизацијата на општеството, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратегиската цел за влез во Европската Унија.

Според него, граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи и затоа мора да се воспостават правда и правна држава. „Не само со празни изјави и декларативно како до сега, туку суштински преку лични примери и колективни откажувања од сите оние, кои решиле да отидат на другата страна на законот. Незаконието не смее да биде однесување, што ќе се следи. Без оглед кој е и што е во оваа земја, или ќе е чесен граѓанин или ќе има одговара за своите постапки. Без оглед дали е власт или опозиција. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава, која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот.“ – нагласи Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста 8 септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.

Премиерот истакна и дека мора да се прекине партизацијата на општеството и да бидат изолирани елементите, кои создаваат меѓуетничко неединство. „Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми, зад кои стои користољубивиот интерес на поединци. Мора да се стави крај на долгата листа со желби за етнички права, зад кои вистински стои личниот интерес на оние, кои ја ги произведуваат таа долга листа со желби за етнички права, за сметка на колективниот интерес. Колку само отсутно звучи кога некој ќе побара дводомност, а во Липково и Тетовско нема вода за пиење. Јас сакам решенија за личните проблеми на народот, а не решенија за личните интереси на малите групи политичари, кои ја злоупотребуваат колективната мака на народот.“ – укажа Мицкоски.

Тој укажа дека дел од неопходните принципи се и подобрувањето на стандардот на граѓаните, праведното општество и вложувањата во образованието. Посочи и дека мора да постои општа согласност за исполнување на нашата стратегиска цел: членството во Европската Унија. „Немаме друга алтернатива, ниту оостои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. Ние, како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат.“ – додаде Мицкоски.

Тој посочи и на единството, борбата против иселувањето и идеолошките битки како дел од неопходните принципи. „За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата да се обединиме сите околу овие 10 принципи. Исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. Прифатете го ова, што го нудам како платформа ,околу која се ќе се обединиме.“ – нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Во своето обраќање на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ Мицкоски порача дека дека нивната визија за иднината вклучува и силен ангажман за економски раст и развој, кој ќе обезбеди подобар животен стандард за сите граѓани. „Постои потенцијал да станеме економски лидер во регионот, со модерна инфраструктура, со конкурентна економија и со иновации, кои ќе ги поддржат младите и претприемачите. Ние ќе продолжиме со реформи, што ќе ја подобрат бизнис-климата и кои ќе овозможат нови инвестиции и работни места. Со заеднички напори ќе создадеме услови, каде што младите ќе гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и каде што ќе сакаат да останат и да придонесуваат за општеството.“ – заклучи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.