Мицкоски: Време е да ги засукаме ракавите и да ги решиме проблемите

Почна седницата за избор на новата влада. Мицкоски го имаше своето прво обраќање како мандатар пред пратениците во Законодавниот дом.



Тој пред присутните порача дека време е да се засукаат ракавите и да се отпочне со решавање на проблемите во земјава.

Собраниската расправа која почна денеска според Деловникот може да трае најмногу два дена, односно до утре на полноќ, а тоа ќе зависи од бројот на пријавени пратеници кои ќе сакаат да се вклучат во расправата.

Во понеделник се очекува да започне со работа новата влада која ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски непосредно пред почетокот на собраниската седница на која се избира новата влада, се огласи на својот Фејсбук профил, со објава во која вели започнува собраниската дебата која ќе стави крај на период на неработење, криминал и разочарувања.

„Денес е историски ден! Започнува собраниската дебата која ќе стави крај на периодот на неработење, криминал, лоши вредности и разочарувања. Со изборот на новата реформска влада, конечно започнува ново поглавје за нашата земја. Македонија е нашиот дом“, се вели во дел од објавата.

Понатаму мандатарот Мицкоски вели сега е време Македонија да направи повеќе за секој граѓанин, истакнувајќи дела секој Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак и сите останати кои вложиле се’ за својата татковина, треба да добијат возврат од државата.

„Македонија треба да возврати. За вас! За тебе! За сите што живеат во оваа заедничка татковина. Време е да ги засукаме ракавите и да ги решиме проблемите. Повикувам на единство и заедничка работа. За нова Македонија, за иднината на нашите деца, за подобар живот за сите нас. Време е да се исправиме, да го искористиме нашето знаење, нашата енергија и нашата желба за промена. Да се обединиме во овој момент на историска трансформација. Да создадеме општество во кое секој граѓанин ќе може да ги оствари своите соништа и да живее достоинствено“, пишува Мицкоски во објавата.