Премиерот Мицкоски упати честитка до сите христијани во Македонија кои го прославуваат рождеството Христово – Божиќ според Грегоријанскиот календар.
-Христовото раѓање е симбол на надежта и љубовта меѓу луѓето. Нека Божиќниот ден донесе мир и спокој во секој наш дом, како и сила да се соочиме со секојдневните искушенија. Нека нашата силна волја, подадена рака и милосрдието бидат нашиот одговор кон сите предизвици со кои се среќаваме.
Вековите ги надоградуваат моралните, семејните и духовните вредности кои не само што ни помагале во најтешките времиња, туку тие продолжуваат да бидат наша заедничка водилка и за иднината. Само преку силната вера и посветеност кон правењето добри дела можеме да создадеме подобро утре за целата држава.
Нека нашата Татковина биде подобро место за живеење, земја на нови големи победи и – најважно – држава со повеќе среќни граѓани.
Радосната вест која се пренесува низ генерации, повторно нека го огрее срцето на секој верник и сограѓанин.
Христос се роди! Навистина се роди! – Порача Мицкоски.





