Мицкоски: АСНОМ е неизбришливиот жиг на македонската борба и доказ дека македонската нација е создадена со огромни жртви!

„Оваа институција – АСНОМ е неизбришливиот жиг на македонската борба, најсветиот доказ дека македонската нација е создадена со многу труд и со огромни жртви!“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денес на отворањето на меѓународниот собир „Антифашизмот меѓу меморијата и заборавот“  по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ. Покрај премиерот Мицкоски, поздравни говори пред присутните имаа и директорот на Институтот за национална историја Митко Панов, ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова, претседателот на Македонската академија на науки и уметности Живко Попов, директорката на Државниот архив Наташа Котлар-Трајкова. Собирот се одржува во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје и ќе трае до недела. Ова го објави весникот „Нова Македонија“



Натаму весникот пишува: Во својата реч премиерот Мицкоски укажа и дека собирот е за да се одбележи 80-годишниот јубилеј од првото заседание на АСНОМ, „еден од најсветлите моменти во нашата понова историја, кога нашите претци донесоа важни одлуки, што ни овозможија да се издигнеме како народ и како држава“. Тој истакна дека треба многу мудро денеска да се донесуваат одлуки, за да се може да се стигне онаму каде што се сака. „Само силна демографија, економски силно развиена држава и одбрана на она, што на маса е изгубено изминативе седум години, може да нѐ однесе онаму каде што треба да бидеме и каде што како народ целиме да бидеме.“ – посочи Мицкоски.

Директорот на Институтот за национална историја Панов рече дека АСНОМ обврзува да ја продолжиме заветта на Илинденците и да не отстапиме од традициите и историското наследство, на што тие се повикувале градејќи ја државата. Бидејќи, како што подвлече, Илинден не е само нашето македонско минато, туку е нашата послеисторија. „Затоа, мора да бидеме достојни на нашите АСНОМ-ци и гордо да го кренеме уште повисоко знамето на Гоце Делчев и на сите наши илинденци, бидејќи илинденската епопеја е решеноста да не бидеш роб никому, туку да заживееш како слободен народ и да покажеш колку е силна тупаницата за извојување на праведната борба за слобода.“ – истакна Панов.

Притоа, тој нагласи дека АСНОМ повикува да се почитуваме меѓу себе, за да бидеме почитувани и од другите како држава, народ и нација. „Бидејќи АСНОМ е и македонскиот влог во Денот на Европа. Илинден е македонскиот национален код. Да бидеш тоа што си, свој на своето.“ – подвлече директорот на Институтот за национална историја Митко Панов.

Осврнувајќи се на патот за членство во Европската Унија, претседателот на Македонската академија на науки и уметности Попов рече дека македонскиот народ станал пример за мирољубиво сопостоење со соседните земји. „Евроскептицизмот, што се јавува во последно време, е резултат на пречките, кои ЕУ неправедно ни ги постави во повеќе наврати на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија. “Последиците од тие договори се очигледни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси: си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име. Со тоа делумно ги наруши и идеалите и принципите на АСНОМ.“ – предупреди Попов.

Но и покрај тоа, нагласи Попов, „изостана отворањето на преговорите со ЕУ“. „Сепак, треба да сме свесни дека само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и со Европската Унија може да се дојде до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го притоа културното и историско наследство, што му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност. Но и покрај сите пречки, македонската држава денес е дефинитивно историска реалност со потврден целосен историски идентитет и меѓународен државноправен легитимитет, која на достоинствен начин мора храбро да продолжи по зацртаниот европски пат.“ – истакна Попов пред присутните.

Ректорката Ангелова истакна дека АСНОМ е темелот за институционален и севкупен развој на државата, во што спаѓа и најстариот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. „Додека земјава продолжува да се справува со предизвиците на нејзиниот пат кон ЕУ и со сите глобални предизвици, повеќе од кога било принципите и идеалите на АСНОМ мора да останат вградени во суштината на сите идни одлуки, бидејќи се основата на македонскиот национален идентитет и државност.“ – рече Ангелова.

Директорката на Државниот архив Котлар-Трајкова рече дека “АСНОМ, вториот Илинден, останува најзначајна страница на македонската нова историја и инспирација во натамошното пишување на националната историја.“