Митрополит Агатангел: Македонската црква е веќе автокефална –Цариград е продолжена рака на грчката политика

„Сакаат да ни протнат на мала врата дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија нема целосна, туку делумна автокефалност, бидејќи единствено Цариград давал целосна автокефалија и осамостојување. Ова е апсолутно неточно, бидејќи нема никакви канонски основи. Цариград нема право да одлучува од името на сите помесни цркви. Во Диптихот на Цариград  можеме да бидеме впишани само обезличени, како ‘Црквата од Охрид’, или во најдобар случај како ‘Охридска архиепископија’. ‘Црквата од Охрид’ нема никаква врска со нашата црковна и историска реалност. Цариград е продолжена рака на грчката политика.“ – вели Митрополитот Повардарски Агатангел (Станковски) во својата колумна под наслов „Омаловажувањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото Митрополитот Повардарски Агатангел во колумната натаму пишува: Томосот за автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на многумина во оваа држава им ги расипа плановите. Разумната братска постапка на архиереите од Српската православна црква и на патријархот Порфириј им дојде некако неочекувано и ненадејно, како гром од ведро небо. Невообичаено им беше два балкански православни народа да ги напуштат конфронтацијата и политичките притисоци и да се согласат да живеат во мир и со почит едни покрај други, како браќа и добронамерни соседи.

Им се урнаа нивните пеколни и лицемерни намери во однос на конечното решавање на македонското национално и црковно прашање, кое за нас Македонците, според нив, треба и мора да биде губитничко. Македонската православна црква-Охридска архиепископија доби целосна автокефалност, без никакви услови и пазарења, без никакви притисоци, отстапки и скриени задржни камати, кои треба да дојдат на наплата во поблиска или подалечна иднина. Македонскиот народ, по долги години на негирања и понижувања, најпосле оствари една важна победа во борбата за зачувување на својот идентитет и на својата славна духовна историја.

Токму поради оваа благородна христијанска постапка меѓу Македонската и Српската православна црква се возбудија духовите на многу неписмени величини. Мнозина лицемерни и самонаречени „експерти“ мораа да го правдаат својот неуспех пред своите белосветски спонзори, чија идеја беше целосно и етапно ништење на Македонците, прво на државно и национално ниво, а потоа и на духовно. Затоа, како прв удар кон од нив неодобрениот успех, го измислија т.н. „руско влијание“ и потоа едновремено ја наметнаа и тезата за „првоврховноста на Цариград“. Нивната логика е: како овие „балкански дивјаци“ без прашање и одобрение ќе решаваат судири и поделби, во кои се вложени огромен труд и парични средства?

Во Македонската православна црква-Охридска архиепископија не постои некакво „руско влијание“, како што тие замислуваат. Ние не негираме дека некои Руси се наши учители во духовноста, еднакво како што се и некои Грци. Но, за нивните сфаќања грчкото влијание е политички подобно, за разлика од руското, кое е издигнато на ниво на бласфемија (богохулење, светогрдие). Ние, македонските христијани, еднакво црпиме искуства и од современите руски отци и богослови, како и од грчките. Посетата на некој руски великодостојник на Македонија не значи дека сме ја предале западната цивилизација, или дека сме потпаднале под директно влијание на Кремљ, кој воопшто и не се потруди да ни помогне во долгогодишната нерамна борба за зачувување на нашето вековно македонско име.

Во Диптихот на Цариград можеме да бидеме впишани обезличени, како „Црквата од Охрид“, или во најдобар случај како „Охридска архиепископија“. Но „Црквата од Охрид“ нема никаква врска со нашата црковна и историска реалност, тоа е понижувачки за нас. Според „експертите“, ова ни било единствената шанса, која требало час поскоро да ја искористиме додека не заминала. Ова е истата манипулација, што ни се сервираше со години во однос на државното име. Оваа „грчка шанса“ нема да си замине така лесно, бидејќи е максималистичка византиска ујдурма.

Но, „експертите“ и „старците“ посветено ни ја туркаат под нос, зашто знаат дека сега се лови во матно, сега народот е во нокдаун. Но, како што ќе си оди времето, народот сè повеќе ќе се освестува, а тоа ним и на нивната идеја никако не им е во полза. „Црквата од Охрид“ не ги затвора проблемите, туку ги отвора и ги усложнува. Овој „најдобар предлог од сите предлози“ во секое време можеме да го прифатиме. Доволно е да се најде еден недоветен и недоделкан, што ќе се залета да го бакне пенкалото. Доволна е само длабока заблуденост и нереална амбиција и ете ти неволја и ѓубре, кое не може да биде сметено од наредните три генерации.

Видовме што ни донесе промената на името. Видовме како исчезнаа сите ветувања. Каде е сега Македонија по поминати шест години од насилното и недемократски спроведеното менување на името? Останаа сите уцени и блокади, а се зголемија апетитите на Бугарија, која сфати и пресмета со какви слабаци си има работа.

Цариград не е на Истокот она, што е папата на Западот. Никаде во каноните не е категорично кажано и наведено дека тие се „все и всја“, оти имаат исклучиво право за давање автокефалност. Никој и никогаш не им дал право на конечно одлучување за автокефалноста на секоја црква во светот. Ваквата нивна „пракса и традиција“ нема никаква врска со Христовото Евангелие, со праксата и традицијата на апостолите, кои се воздржувале да градат врз туѓи темели (Рим. 15, 20).Не може да постои земски центар, околу кој ќе гравитираат сите цркви и кому ќе му бидат потчинети.

Кои се карактеристиките за една црква да биде сметана за автокефална? Тоа се вистинската вера и втемеленоста врз светоотечкото предание, можноста сама да се возглавува и управува, самата да избира свои епископи и свој поглавар, самата да вари миро и да одлучува за своите внатрешни прашања, да ја шири мисијата и да формира нови црковни заедници. Автокефалната црква сослужува и е во добри односи со сите помесни православни цркви и врз себе нема никакви канонски забрани и ограничувања. Ние ги имаме сите овие карактеристики, но не сме запишани во Диптихот на Цариград.

Еден ден ќе го постават прашањето: зошто се поставуваат поглавари исклучиво по потекло Грци во Цариград, Ерусалим, Александрија и Антиохија? Цариград е продолжена рака на грчката политика. Тој, денес, наместо „Нов Рим“,повеќе е „Политичка Атина“, која преку византиски игри диктира влијание на православниот Исток. Сетете се под чие влијание е укината Охридската архиепископија. Тоа сигурно не била идеја на султанот, кој традиционално имал благонаклонет однос кон христијанските прашања во Отоманската Империја. Ние немаме проблем со Грците, напротив, Грците имаат проблем со сè што е македонско, а не е со грчки предзнак и основа. Ова е нивно искушение, нивен националистички став, кој тешко ќе го променат. Тешко го плативме и сè уште го плаќаме експериментот со „северната“ додавка. Ова беше погубно за нас.

Ние функционираме како автокефална црква, за нашите архијереи, свештеници и верници не постојат никакви канонски ограничувања. Имаме само политички проблем, поточно отворено идентитетско прашање. За тоа не сме виновни ние. Не сакаме да влеземе во спорот на големите помесни цркви. Москва и Цариград имаат некои прашања, што треба да си ги решат меѓу себе. Не се ниту Москва, ниту Цариград кнезови на овој свет, кои седат на врвот на човештвото и владеат со народите.

Искрено Го молам Бога да нè поштеди од раздори, непријателства и меѓусебни обвинувања и омаловажувања, кои неминовно ќе дојдат, ако се прекрстиме како „Црквата од Охрид“, или ако им го препуштиме иселеништвото на оние, што таму немаат ниту сеено, па со тоа немаат право ниту да жнеат. Нека ги вразуми Господ нашите православни браќа и нека им даде сила да го надминат ова искушение. Нека ги чува и нека ги закрилува Господ Светата автокефална Македонска православна црква-Охридска архиепископија, македонскиот народ, нашиот почитуван архиепископ и светата македонска земја.