Миовски фудбалер на годината во Абердин, според соиграчите и навивачите

По изборот во тимот на годината во Шкотска според Асоцијацијата на професионални фудбалери, Бојан Миовски доби уште две признанија во својот клуб Абердин, каде што соиграчите и навивачите го избраа за играч на годината.



Напаѓачот на „донси“ и на репрезентацијата на Македонија, кој сезонава постигна рекордни за него 24 гола во сите конкуренции и моментно е трет на листата на стрелците во елитниот шкотски Премиершип, признанијата ги доби на клупската гала вечера пред повеќе од илјада присутни.

„Благодарност до сите мои поддржувачи кои гласаа за мене. Ми покажавте колку многу ви значи тоа што го правам кога сум на теренот. Овие две награди ми докажаа дека сè што сум направил од моето срце за овој тим е ценето и ќе продолжам да правам сè“, изјави 24-годишниот штипјанец, кого го меркаат Селтик и Феенорд.