Министерот и 40 комуникатори – „Фабрика“ за пропаганда или вистинска отчетност

Најавите од македонската влада дека  во секторот за информирање на јавноста владата се примени 40 лица и дека преку еден центар ќе се координираат сите информации кои што ќе ги даваат владините тела ја подели новинарската фела.



За едни тоа е добра а за други новинари со ваквата централизација на информациите ќе биде тешко да се соработува со владата.

Доброто според дел од новинатите е во тоа што најголем дел од луѓето задолжени за контакти со медиумите ќе имаат претстава што се случува во сите важни владини институции и ќе можат да дадат соодветна информација.

Лошото за други новинари е во тоа што владата со новиот координативен центар може да се претвори во министерство за пропаганда кое што во секој случај ќе сака да пласира само позитивни информации за владата а во исто време ќе ги блокира министерствата и другите институции да даваат навремени информации кои што можат да и наштетат.

Доколку секоја информација мора да биде „проверена и одобрена“ од новото координативно тело во владата тогаш новинарите кои што зависат од минути понекогаш ќе мораат да чекаат со часови се додека ресорниот портпарол не добие „амин од горе“.

Проблемот овде не само од аспект на време туку и во врска со слободата на луѓето по министерствата да бидат креативни и независни од „централата“. Со ваква централизација ќе се зголеми и нивото на шпекулативно новинарство затоа што новинарите ќе мораат да се потпрат на неофицијални информации што пак може да предизвика конфликт со владините институции, нешто што новата влада инсистира дека нема да се случи.

Според информациите што ги објави порталот Фокус.мк  ре-организацијата во владата во однос на комуникациите се прави заради подобра координација и полесно функционирање на владата од аспект на приоритетите во комуникацијата со јавноста. Информациите од сите институции и министерства ќе се сумираат во еден центар, каде ќе се прави план и распоред кога, како и кои политики ќе се пласираат во јавноста, пишува Фокус.

Овој дел од планот на владата со кој од таму ќе се прави селекција на политиките кои што ќе и се пласираат на јавноста е спорен затоа што јавноста е таа која што во нормална земја диктира кои информации и се потребни. Односно, што ќе се случи доколку јавноста има различен вкус од комуникаторите во владата и сака да чуе информации што не се дел од плановите на новото владино тело за пропаганда.

Во контекст на новото тело оправдани се и сомнежите на дел од новинарската фела кои што се сеќаваат на аферата „Фабрика“ од времето на владата на СДСМ кога премиер беше Бучковски, а дел од таа влада има и во сегашните институции.

Тогаш посебна екипа новинари беа најмени по работно време да подготуваат прашања и одговори за владините претставници. Речиси иста приказна како сегашната само што сега наместо со црни пари пари луѓето што ќе го работат ова ќе бидат вработени во владините институции.

Новиот министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски вели дека нема шанса Македонија да добие уште една влада на која и е поважен ПР-от, отколку реалноста.

„Граѓаните имаат право на сомнеж целосно, имаа тотален мрак 11 години, но исто така треба внимателно да следат како полека работите се средуваат. Не можеме преку ноќ да го направиме тоа, има погрешно направена систематизација. Поранешните си направиле како што нив им одговара, треба да ги смениме називите и соодветно да ги ангажираме луѓето. Граѓаните треба да бидат трпеливи и многу скоро ќе забележат драстична разлика. Гарантирам дека не само што минатото време на ВМРО-ДПМНЕ нема да се повтори, туку оваа влада ќе биде најотворена од сите досегашни влади. Нема што да се крие, мора да се знае што работи владата, како работи и како троши пари на граѓаните“, изјавил  Поповски за Фокус.