Министерот за култура и туризам на Република Македонија, Зоран Љутков, го посети вечното почивалиште на македонскиот великан Панко Брашнаров на гробиштата Мирогој во Загреб и му се поклони на членот на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ.
„Душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“, го цитира Љутков делот од говорот на најстариот делегат на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Отец Прохор Пчињски“, на кое беа удрени темелите на современата македонска држава.
„Помина времето на поднаведнатите глави учителе, молкот се претвори во татнеж најсилен, а библиската земја си ги побара чедата, за да си ги прибере, да ѝ бидат до неа, затоа што и онака сме малкумина, наши, Македонци, патриоти, та коските да си ги оставаме необележани и рассеани по светот. Почит пред гробот на народниот трибун и борец за независна македонска држава“, напиша министерот на Фејсбук.
Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров, роден на 9 август 1883 година во Велес, е уапсен и испратен на Голи Оток, каде што умира на 13 јули 1951 година како најстар затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.






